АМДИ ВОЈВОДА ЈА СОБЛЕЧЕ ПЕЛЕРИНАТА

Истакнато Краток спој

Фактот што Амди Бајрам е фактор на македонската политичка сцена, кажува многу за истата…

Се сеќавате ли колку се радуваа дечките од Белата палата, кога „господарот“ на головите со пета пушташе шеги за зајаци и кафези облечен во бунда како гангстер од Бронкс? Денеска поставата во „шампитата“ е сменета, а Бога ми сменет е и мангупот што го држи морковот. Да бевме 903-та, Амди Војвода ќе ја „дувнеше“ за Бугарија, и немаше да има потреба да менува дрес, ама тоа е, црно им било пишано на неговите фанови со „комитски“ афинитети.

Денеска видов дека на веќе поранешниот „војвода“ му го бараат назад прстенот со лавот. Дали ќе го врати еден Господ знае. Амди може да си го дозволи луксот, прстенот со лавот да си го стави во џеб, за некои подобри времиња за неговите довчерашни пријателчиња. Амди е бренд, и не е навикнат во опозиција. Тој е солиден играч, знае кога да направи шоу и кога да подаде рака за спас на „пријател“ во беда. Знае кога да си чепне во нос и да им покаже на своите неистомисленици среден прст. Истите тие неистомисленици, денеска веќе се крстат во него. Оти е мангуп и знае како да скока од цвет на цвет.

Истиот тој прст со кој Амди си чепкаше во нос, барајќи биткоини, веќе е златен. Некаде прочитав дека целата држава веќе зависи од гласот на поранешниот војвода. Тоа ме тера да мислам дека Македонија е држава за пример… пример како не треба да се прави нешто.

Може да ви кажам една мала тајна? Бадијала ја тролате кока-колата, кога погонот во фабриката што ја создаде е расипан. Свесни сте, нели? Ако одговорот е ДА, тогаш навистина веќе не е смешно.

Знаете што, во политиката секогаш имало шоумени, Македонија не прави исклучок, кај нас проблемот е друг. Алармот се вклучува тогаш, кога од истите тие шоумени зависи политичката стабилност на државата, што се нафатиле да ја „средуваат“ со политички средства. Кога истиот тој аларм почне да трешти, значи навистина е време за будење.

Сега откако Амди влезе во Влада, еден поранешен министер за надворешни работи, има едно гајле помалку. Пред околу 10-тина дена (може и повеќе) Антонијо Милошоски испрати повик до новата гарда во „шампитата“, со барање да се преиспита „логичноста“ на урнебесната коалиција „За подобра Македонија“. Ете, Амди си замина. Ја симна „комитската пелерина“ и му се извини на Заев за досетките пуштани на негова адреса. Кога ќе ја удариме математиката, излегува дека Македонија останала посиромашна за еден војвода, но се збогатила со уште една потврда на тврдењето дека тие кои го следат принципот „на каде дува ветрот“, накрајот од денов си легнуваат со полни стомаци. На што се должи таа долго негувана превртливост ли? Македонија и покрај тоа што наполни 26 години и ја ситни 27-та, уште ги нема прележано голем број детски болести. Зошто, ќе прашате вие, а јас ќе ви го дадам мојот скромен неекспертски одговор: Затоа што упорно ја вакцинираат против критичка мисла, и никако не можеме да се „разболиме“ од истата.

Автор: Батко Тане