|

Американскиот секретар за одбрана: САД ќе ги превртат небото и земјата за да победи Украина

Соединетите Американски Држави ќе ги „превртат небото и земјата“ со цел Украина да ја победи Русија, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пред околу четириесетина земји собрани во Германија за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина.

„Украина јасно верува дека може да победи, а исто така и сите овде“, рече Остин на отворањето на состанокот инициран од Вашингтон во воздухопловната база Рамштајн во западна Германија.

Се собраа претставници на околу четириесетина земји, меѓу кои и Германија, која објави дека одобрила испраќање тенкови во Киев, што е голема пресвртница во досегашната многу претпазлива политика на Берлин, пренесуваат медиумите.

„Имајќи предвид дека Русија сака целосна контрола врз јужна Украина и Донбас, можеме да направиме повеќе преку нашата одбранбена индустриска база за да продолжиме да и помагаме на Украина да се одбрани на уште поефективен начин“, рече Остин.

„Ќе ги превртиме небото и земјата за да им помогнеме“, додаде тој.

Остин во неделата го посети Киев каде се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски, заедно со државниот секретар Антони Блинкен. САД испраќаат најмногу воена помош за Украина и сакаат да убедат што е можно повеќе земји да го следат примерот, анализираат медиумите.

„На Украина и треба нашата помош за да победи, а ќе и треба и кога војната ќе заврши“, рече Остин.

Средбата не се одржува во рамките на НАТО, иако е присутен нејзин претставник. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го откажа учеството поради здравствени причини. Меѓу учесниците има претставници на Австралија и Јапонија, како и Финска и Шведска.

Извор: Temite

Слични Објави