Андоновска: Арсовска да објасни зошто итна седница за ЈСП за кое истураме пари, а пак нема автобуси, ако не знае да работи да си даде оставка
Денеска за седницата на Советот на град Скопје гледам дошле сите колеги советници, од сите советнички групи, но ја нема таа што ја побара оваа седница, а тоа е Арсовска да ни објасни зошто оваа седница мора да се случи токму сега, рече Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновска посочи дека за советниците да гласаат итност, градоначалничката Данела Арсовска треба да образложи зошто ја бара оваа итна седница и токму со оваа точка.
„Таа не е тука со месеци наназад, како мисли да раководи со овој град без да дојде тука да се соочи со советниците кои треба да ги поддржат или не, точките кои таа ги и предлага и кои таа треба да ги реализира. Со оглед на фактот дека се работи за точка за ЈСП да потсетам овој Совет месеци наназад бара информации за ЈСП за потешкотиите со кои се соочува ЈСП“, рече Андоновска.
Посочи дека во Советот се носат одлуки меѓу кои и онакви со кои се издвојуваат финансиски средства.
„Тие пари не се наши лични, не се ни на Арсовска, тие се на граѓаните и треба да ни објасни и нас и на граѓаните зошто тоа претпријатие има потешкотии токму откако таа е градоначалник, зошто му се даваат најмногу средства, а има најмногу долгови. Должна е Арсовска да објасни ако сака ова претпријатие да работи и граѓаните да добијат соодветен јавен превоз. А што се случува нема автобуси, каснат, претпријатието има долгови, а се бара ние да истураме средства, а не знаеме каде завршиле претходните“, кажа Андоновска.
Праша, дали се работи за незнаење или за криминал.ж
„Затоа таа треба да е тука и да ни објасни и да се најде решение, ако не знае како да се справи со ова претпријатие, со градот нека си поднесе оставка. Нека не го малтретира Скопје, скопјани не се должни да живеат во вакво Скопје“, заклучи Андоновска која побара да се обезбеди присуство на Арсовска.