Андоновска: Срамота е што Арсовска не е присутна на седницата за собирањето отпад
Марија Андоновска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, на денешната седница на Град Скопје бараше градоначалничката Данела Арсовска и директорката на комуналното претпријатие, Косана Мазнева, да бидат присутни на седницата за собирањето отпад, да се дебатира за тоа и да се изнајде решение.
„Јас укажав и апелирав дека тука не е ниту градоначалничката ниту директорката на комуналното претпријатие. Ние овде нема со кого да дебатираме и тоа е крајно несериозно, ве замолив да интервенираме да ги повикаме уште еднаш да дојдат бидејќи нема нешто што е поважно во моментот, освен, не дај боже, да е загрозена нивната здравствена состојба. Тоа би било само единствено оправдување да не се денеска тука, нема ништо поважно од тоа да се денеска тука и да дебатираме, ни се случуваат проблеми, не само нам, им се случуваат проблеми на граѓаните на Скопје. Денеска е ова, утре ќе биде нешто друго, задутре ќе биде уште пострашно, затоа треба да сме денеска тука, да дебатираме за нив, да најдеме решение бидејќи нема никакво оправдување кога утре ќе ни се случи поголема катастрофа од ова што ни се случи пред некој ден“, рече Андоновска.
Андоновска укажа дека градоначалничката, директорката и оние што се надлежни треба да се присутни на седницата бидејќи доста е од дневна политика, ситни политички поени и популизам.
„Затоа барам да се обезбеди присуство на градоначалничката, директорката и оние што се надлежни да дебатираме денеска ние за оваа точка бидејќи за дневна политика, ситни политички поени и за популизам овде не треба ни да зборуваме. Ние треба аргументирано да дебатираме и да донесеме решенија, кои понатаму ќе бидат реализирани и спроведени. Ве молам да обезбедите присуство бидејќи нема ништо поважно денеска од тоа градоначалничката да е присутна во оваа сала“, порача Андоновска.
