| | |

Ангелов: Иднината на Република Северна Македонија, како независна и суверена држава е гарантирана, по нејзиниот влез во НАТО

Амбасадорот на Република Бугариja во Република Северна Македонија Ангел Ангелов, во заминување, беше љубезен да одговори на неколку прашања поставени од главниот уредник на Трибуна.мк.

Трибуна: Г-не амбасадор, како го оценувате начинот на кој што помина Вашиот мандат?

Ангелов: Мојата генерална проценка е дека, тоа беше еден прилично комплициран мандат. Ако ми дозволите да се пошегувам, тој изгледаше како електрокардиограм. Но добро е што не е така (покажува права линија бел. уред.), бидејќи ако беше така, тоа ќе значеше дека нашите меѓусебни односи се мртви, а тие не се. Се разбира со веројатното влијание на трети земји, во одредени периоди одеа надоле, но верувам дека, во периодот што следи, тие неповратно ќе одат нагоре. Најмалку поради фактот што со активната помош и поддршка на Бугарија, Република Северна Македонија веќе неколку години е дел од НАТО и самото чувство дека сме дел од една алијанса, нѐ носи во позитивна насока.

Трибуна: Кои беа основните потешкотии, со кои се судривте, исполнувајќи ги Вашите службени должности?

Ангелов: Тешкотиите, како да почнаа уште во самиот почеток. Се случи Ковид кризата и таа криза дојде веднаш по првата прослава што ја организирав за 3-ти март. Како што се сеќавате, а тоа не треба да се заборава, затоа што тоа е многу важен момент од историјата на нашите меѓусебни односи, во тоа време во регионот работеше само аеродромот во Софија и преку него преминаа 15 илјади граѓани на Република Северна Македонија. Тоа беше еден сложен период, бидејќи тие поминуваа преку еден специфичен режим, поради антиковид мерките. Списоци, коридори, планови за транспорт… Сето тоа помина преку моите раце. На ваков начин започна овој сложен период. Потоа имаше еден период, во кој како што се сеќавате, бевме во многу активни односи- работни групи, секоја седмица имавме посета на некој министер во Скопје. Тоа исто така беше еден многу интензивен период. Потоа дојде и „Францускиот предлог“. Знаете, имаше протести, дури тука под прозорците на амбасадата, организирани граѓани од страна на Палчо (Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за две грозоморни убиства, бел. уред.), кој како што видовме потоа, го покажа своето вистинско лице. За да дојдеме до денес, кога веќе нештата се јасни, бидејќи имаме прифатени договори, меѓу Република Северна Македонија и Европската унија и Бугарија, како земја членка на ЕУ. Но, овде се и 27 земји членки, за внесувањето на Бугарите во Уставот, потоа актите што ќе се случат, по внесувањето, а исто така и спроведувањето на двата протоколи од меѓувладините седници.

Трибуна: Ќе има ли повторно договорање за условите што треба да ги исполни Република Северна Македонија?

Ангелов: Не може да има повторно договорање, за нешто што веќе е договорено. Нема како да го промениме, тоа што веќе е договорено. Згора на тоа, тоа е договорено од 27 земји членки на ЕУ. Европската унија е еден многу сложен механизам. Често пати бил критуван, заради таа комплицираност, посебно кога се носат одлуки, но кога тие одлуки се веќе еднаш донесени, истите многу тешко можат да се изменат, да не речам дека тоа е невозможно. Поради простата причина што, носењето одлуки со консензус, значи дека успешно е пронајден заедничкиот јазик. Тука треба да демантирам дека „унгарскиот модел“, како што се сеќаваме за спогодбата со Украина, кога премиерот Виктор Орбан излезна од сала за да „пие кафе“, беше за да не го прекрши правилото на консензус. Тоа се случи за да се донесе одлука, а не за да се измени или предоговори нешто. Тоа се две сосема различни работи!

Трибуна: Што успеавте и што не успеавте да направите за време на Вашиот мандат?

Ангелов: Направивме многу напори. Прво и најважно за мене е дека иднината на Република Северна Македонија, како независна и суверена држава е гарантирана, по нејзиниот влез во НАТО. Тоа е едно огромно нешто, што како да не се разбира доволно, ниту од граѓаните, ниту и от политичките елити. Тоа го менува статусот на државата. Ја менува и нејзината позиција во светот. Таа треба да се модернизира и да раскине, да се еманципира, така да се изразам, од поранешните југословенски структури… од длабоката држава. Тоа е потребно за Република Северна Македонија, за таа да си го најде своето сопствено место. Јас лично сум вложувал многу напори тоа да се случи. Помагаме, колку што можеме. Колку сме успеале, тоа е прашање за кое, можам да бидам критичен кон себе си, но тоа е историскиот момент, до којшто сме достигнале. Се надевам во периодот што следи, тоа да го видиме уште појасно. Видливоста на Бугарите како автохтоно население на Република Северна Македонија, го сметам како едно големо достигнување во мојот мандат. Тоа е нешто, за што ние се разбира ќе продолжиме да се бориме, за да се развива. Сигурно е дека има многу минуси, но успеавме да уништиме некои стереотипи. Го надминавме тоа што 30 години не успевавме да го направиме во трговската размена – да ја поминеме психолошката бариера од 1 милијарда евра. Тоа успеавме да го направиме и истата продолжува да оди во нагорна линија. Минатата година беа 1 милијарда и 200 милиони, мислам дека годинава ќе бидеме уште понапред. Успеавме да отвориме Бугарски културно-информативен центар, во центарот на Скопје. Тоа е за да има видливост целата културна политика што ја спроведува Бугарија, за да бидеме уште повеќе активни. Ќе ја споменам изложбата „Требениште“, ќе ја споменам изложбата „Сребрена Тракија“. Овде се и големиот број театарски претстави, дури и операта… 6 часовната опера на Вагнер, која што беше културна манифестација од огромна величина за Скопје.

Трибуна: Ги споменавте бизнисот и културата. Зошто според Вас тие убави нешта што се случија на релација на двете држави, не успеаја да го заземат приматот во информирањето на медиумите во Република Северна Македонија?

Ангелов: Бидејќи јавноста не е доволно информирана. Тоа е од една страна… од друга страна политичките елити се немаат еманципирано доволно. Тие треба да се еманципираат поради текот на околностите. Од поранешните југословенски републики, дел од НАТО се сосема еманципираните Словенија, Хрватска, дури во поголем дел и Црна Гора. Останува Република Северна Македонија едноставно да го следи нивниот пример.

Трибуна: Разбраа ли политичарите во Република Северна Македонија дека Бугарија е нивен пријател?

Ангелов: Тоа пак е дел од стереотипите за кои што зборуваме претходно. Ајде да ја вратиме лентата наназад! Бугарија беше првата земја што ја призна независноста на тогаш Република Македонија. Отворивме економски прозорец, кога беа санкциите наметнати од Грција, кога имаше санкции против Србија, па Република Македонија можеше да тргува единствено преку пристаништето во Бургас. Затоа и се случи целиот овој коридор, кој апропо е Коридор 8, за којшто во последно време зборуваме многу и за кој се зборува веќе два века. Помогнавме и кога подаривме тенкови и артилерија. Знаеме како за жал, завршија тие подароци. Имаше голема епидемија од заушки, подаривме вакцини. Подаривме вакцини и заштитна облека за лекарите на првата линија за време на ковидот, ако се сеќавате. Тоа исто така е многу важно, бидејќи тогаш тоа го немаше во Република Северна Македонија. Знаете дека на граничните премини, д-р Милен Врабевски отвори лабораторски центри за бесплатна вакцинација за граѓаните на Република Северна Македонија. Тоа се многу примери на подадена рака, но изгледа дека политичката елита во Скопје си помисли, дека тоа им следува безусловно. Тоа не е така! Некој да ти подава рака, да се однесува добро со тебе, да ти подарува нешто… тој не е должен тоа да го прави. Тоа е психолошкиот проблем што ќе треба да го надминеме.

Трибуна: Со што ќе остане во Вашите спомени и во спомените на Вашето семејство Република Северна Македонија?

Ангелов: Јас и моето семејство ќе го запомниме овој мандат, со големиот број пријателства со луѓето. Со луѓето, бидејќи луѓето во Република Северна Македонија се многу отворени и добри. Како што ви е познато мојата сопруга Билјана Ангелова, беше многу активна на теренот на социјалните иницијативи. Посетувавме различни деца, со аутизам, со церебрална парализа, со канцер. Им помагавме нив и на нивните родители. Помагавме на жени, жртви на семејно насилство. Сите тие се благодарни, затоа што се работи за еден нормален човечки однос. Бидејќи нема како, откако ќе подадеш рака, да не го добиеш истото и од другата страна. Но тоа, да повторам, не е нешто задолжително. Тоа не е услов, како што си мислат некои политичари овде, дека ние сме должни да го правиме тоа. Јас тука не гледам никаква должност.

Трибуна: Има ли место во Северна Македонија, кое што не сте го посетиле?

Ангелов: Место, кое сме го оставиле во резерва ли? Не би рекол! Ја вртам картата во мојата глава. Се движам како радар. За градовите сум сигурен дека нема таков. Веројатно има многу села, што не сум ги посетил. Не сум бил на Галичка свадба!

Трибуна: Каква е Вашата порака до граѓаните на РСМ и македонските Бугари?

Ангелов: Јас и мојата сопруга Билјана Ангелова, ќе останеме поврзани пред сѐ со луѓето. Овде имаме пријателства, што ќе ги сочуваме, убеден сум во тоа. Контактите, нема да бидат изгубени. Не можеме да си ја смениме географијата. Ќе си останеме соседи и ќе треба само да ја продлабочиме комуникацијата. Ова е мојата порака до сите претставници на политичката, економската и културната елита, како и до обичниот граѓанин: Комуникацијата треба да продолжи и да се продлабочува, бидејќи само преку неа, ние ќе добиеме една многу поразлична клима, што ќе нѐ носи напред и ќе ја однесе РСМ во ЕУ.



Слични Објави