|

Ангелов: Со локалното население успеавме да ја совладаме левата огнена линија кај Јажинце, десната е на непристапен терен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека доцна синоќа повторно се реактивирал пожарот во атарот на селото Јажинце, општина Јегуновце. Поради силниот ветер и лесно запаливата вегетација, огнената стихија се проширила на повеќе од еден километар во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце.

„На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да го премине патот“, изјави Ангелов.

Тој истакна дека околу полноќ, заедно со својот возач и седум жители на селото Рогачево, лично се искачил до огнената линија и започнале директно гаснење. „Гаснењето се одвиваше во две фази – гаснење, контролирање и догаснување на изгаснатата линија. До три часот по полноќ успеавме да ја совладаме целата лева огнена линија, долга повеќе од еден километар“, додаде тој.

Десната страна на пожарот засега останува тешко достапна поради густа вегетација и непристапен терен. За да се спречи ново разгорување, бил активиран полициски хеликоптер кој прецизно фрла вода врз критичните точки.

„Министерот Тошковски кој синоќа ја посети локацијата, остана со нас цела ноќ и утрово“, нагласи Ангелов.

На терен работат пожарникари со возила од Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локалното население. „Голема благодарност до сите кои помагаат во справувањето со овој тежок пожар, а особено до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево, со која спасивме неколку хектари вегетација по исклучително тежок терен и со ризик по нашите животи“, рече директорот на ДЗС.



Слични Објави