Зеленски ќе се сретне со Трамп во Вашингтон
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник ќе оствари средба со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
„Во понеделник ќе се сретнам со претседателот Трамп во Вашингтон за да ги дискутираме сите детали околу запирањето на убиствата и војната. Благодарен сум за поканата“, изјави Зеленски, јавува БГНЕС.
Тој потврди дека најпрво имал телефонски разговор со Трамп, а потоа во дискусијата се приклучиле и други европски лидери. „Разговорот траеше повеќе од еден и пол час, вклучително и околу еден час билатерален разговор со претседателот Трамп“, нагласи тој.
Киев, според Зеленски, останува подготвен со максимални напори да работи за постигнување мир. „Претседателот Трамп информираше за неговата средба со рускиот лидер и клучните точки од разговорот. Важно е што силата на Америка има влијание врз развојот на ситуацијата“, додаде украинскиот лидер.
Зеленски ја поддржа иницијативата на Трамп за трилатерална средба меѓу Украина, САД и Русија. „Украина истакнува дека клучните прашања можат да се разгледаат на лидерско ниво, а трилатералниот формат е соодветен за тоа“, рече тој.
Притоа, подвлече дека е значајно европските земји да учествуваат во секоја фаза заедно со Америка, за да се обезбедат сигурни безбедносни гаранции. „Разговаравме и за позитивните сигнали од американска страна во врска со учеството во гарантирањето на безбедноста на Украина. Продолжуваме да ги координираме позициите со сите партнери. Благодарност до сите кои помагаат“, изјави Зеленски.

