Режимот на Вучиќ е во својата најдлабока криза
Financial Times/BGNES
Протестите во Србија прераснаа во насилство, кога приврзаници на претседателот Александар Вучиќ се судрија со демонстранти кои од ноември бараат промена на режимот, пишува „Фајненшл тајмс“. Според изданието, ова е најдлабоката политичка криза откако тој ја води земјата.
Во Белград полицијата употреби солзавец, а групи мажи вооружени со палки нападнаа демонстранти кои се приближуваа кон седиштето на владејачката партија. Во Нови Сад, видеоснимки покажаа истрели во воздух. Десетици демонстранти и полицајци беа повредени за време на протестните бранови во повеќе градови на 13 август.
Студентите ја обвинија власта дека намерно се обидува да предизвика граѓанска војна и потенцираа дека полицијата ги штити лојалистите на режимот кои пукаат кон демонстрантите со огномети и носат оружје. „Нема да им дозволиме да продолжат да уништуваат човечки животи! Заедно – до победа, сите на улица!“, се вели во нивното соопштение.
Последната ескалација е дел од бран на незадоволство што започна минатата година по трагедијата во Нови Сад, кога се урна настрештница на железничката станица и уби 16 лица. Трагедијата ја откри длабоката корупција и државна дисфункционалност, вршејќи дополнителен притисок врз Вучиќ. Протестите, започнати од студентски иницијативи, на почетокот на годината обединија стотици илјади, но веќе ја губат својата првична умереност и ризикот од нови судири расте.
Вучиќ повторно ги обвини демонстрантите дека извршуваат наредби од ненаведен странски извор, без да приложи докази. Во доцновечерно телевизиско обраќање, тој изјави дека неговите опоненти се „организираат да тепаат и убиваат“ приврзаници на режимот и нагласи дека нема да дојде до граѓанска војна. „Ги повикувам да седнеме и да разговараме… Улиците на Белград, а наскоро и на Нови Сад, се расчистуваат од тепачите. За хулиганите нема да има милост“, рече тој.
ЕУ и западните партнери ги повикаа двете страни на воздржаност, а Вучиќ – да ја почитува слободата на изразување. Тие, сепак, не интервенираа, што ја разочара опозицијата. Слично на својот сојузник Владимир Путин, српскиот претседател го обвини Западот дека ги поттикнува протестите.
Милош Дамјановиќ од BIRN смета дека кризата е резултат на низа погрешни проценки на Вучиќ. Според него, предвремени избори пред 2027 година не се во интерес на претседателот: „Тешко е да се види зошто би распишал избори во момент кога популарноста на неговата партија е на најниско ниво. Ако го направи тоа, тоа може да биде уште еден сериозен пропуст.“

