АНКЕТЕН ЛИСТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ
Стево Пендаровски е претседателски кандидат на владејачката коалиција на СДСМ. Како таков има огромна шанса да ја добие функцијата и да стане наш нов претседател, кој по 10 години ќе го смени Ѓорге Иванов. Е сега, како кандидат за една од највисоките јавни функции во нашата држава, Стево е должен да поднесе Анкетен лист за неговата материјална состојба до Државната Комисија за спречување на корупција.
Истата обврска ја имал и претходно и истите Анкетни листови можат да се видат на интернет порталите. И гледајте чудо. Човекот што повеќе од 25 години врши највисоки државни функции во рамки на Министерството за внатрешни работи, од советнички до раководни позиции, нема недвижен имот на свое име. Има само едно „силно“ Југо Темпо од 1999 година и севкупна семејна заштеда од 15.000 евра.
Дали човекот под а) како и останатиот дел од нашето население едвај прикрпува крај со крај, па не може да си дозволи ниту еден стан или куќа на свое име, или пак под б) води навистина расипнички начин на живот. Многу важно прашање пред да излеземе на изборите и да го дадеме својот глас за него.
Ако одговорот е под а) тогаш целосно е нашиот човек кој почувствувал на своја кожа што е сиромаштија и немање и со сите свои сили ќе му помогне на народот да се избави од оваа немаштина. Но сепак судејќи по сите други докази нема да биде ни под а) а ни под б).
Ќе биде под в) односно истиот нема храброст да ја прикаже својата вистинска материјална состојба и да го пријави сето она што го поседува реално. Ова веќе ни е déjà vu со претходниот премиер НГ. Истиот немаше никаде ништо, единствено силно Пунто исто од `90-тите и скапа колекција на уметнички слики и дела во вредност над 100.000 евра. Е сега прашањето на чиј ѕид стоеле тие вредни слики, бидејќи истиот немал свој?
Дајте луѓе не ни ја навредувајте интелегенцијата. Зарем не ви е доста што сите оние што и малку вредат или ја напуштија Македонија или се на излезна врата, па сакате и оние малку што останавме со здрав разум и мозок што функционира да ни го перете мозокот со оваа филозофија? Кој навистина би наседнал на оваа science-fiction местенка дека платата во МВР е толку мала што за повеќе од четврт век ништо не може да се дозволи и купи.
Ако навистина е така, дајте барајте преместување во ЕЛЕМ и МЕПСО. Тие барем се докажани и научно проверени од сите функционери и нивните пошироки фамилии. Уште една гладна уста на ова висока позиција-Претседател на држава не ни треба. Не може да ја издржи нашата скромна економија! Ние како држава не сме толку моќни!
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово

