Архитекти од Бугарија и од странство го посетија Пловдив во рамките на форумот ИНТЕРАРХ 2026
Архитекти од Бугарија и од странство, учесници на меѓународниот архитектонски форум ИНТЕРАРХ 2026, го посетија Пловдив и остварија средба со претставници на локалната власт, соопшти Општина Пловдив на својата фејсбук-страница.
Гостите се сретнаа со заменик-градоначалникот задолжен за градежништво, инвестиции, општински имот и економија, инженер Хак Сак’бов, и со архитектката Пламена Андонова, раководителка на Одделот за инвестициски проекти и контрола на градежништвото.
Меѓу учесниците беа претседателот на Советот на архитекти на Европа, Даниел Фигеншу, Жан-Филип Васал од архитектонското биро „Лакатон и Васал“, добитник на Прицкеровата награда за 2021 година, и Хосе Луис Кортес Делгадо, претседател на Меѓународниот сојуз на архитекти во периодот 2021–2023 година.
Во делегацијата, придружувана од архитектот Илко Николов, беа и претставници на меѓународни и бугарски архитектонски организации.
Посетата беше дел од програмата на форумот, одржан под покровителство на Советот на архитекти на Европа. Архитектите ги разгледаа Епископската базилика на Филипопол, Античкиот театар и Стариот град, запознавајќи се со културното и историското наследство на Пловдив.
ИНТЕРАРХ 2026 собра бугарски и странски стручњаци на темата „Европски политики во архитектурата – холистички пристап кон свет во транзиција“.
Конференцијата на Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија во Софија беше посветена на квалитетот на урбаната средина, достапното домување, зачувувањето на архитектонското наследство и одржливиот развој на градовите.
Програмата опфати и изложби на архитектонски проекти, примери на добри европски практики за обновување на изградената средина и дипломски трудови на студенти по архитектура.
