Арсовска: Мицковистичкиот режим шири страв пред избори – приведен директорот на „Комунална хигиена“
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, обвини дека приведувањето на директорот на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ е дел од, како што рече, обид на „Мицковистичкиот режим и кадрите на ВМРО–ДПМНЕ“ да создадат страв и притисок пред вториот круг на изборите.
„Директорот на ‘Комунална хигиена’ е приведен во момент кога токму криминалните кадри на ВМРО го создаваат хаосот со ѓубрето во градот“, изјави Арсовска.
Таа потсети дека претседателката на Управниот одбор на претпријатието, Јулијана Спировска, која според неа има блиски релации со високи функционери на ВМРО–ДПМНЕ, е правосилно осудена во две кривични постапки – во 2006 година за нанесување тешки телесни повреди и во 2022 година за убиство.
„И покрај тоа што Спировска има такво досие, институциите не преземаат ништо, бидејќи е заштитена од нејзината партија“, додаде Арсовска.
Таа истакна дека Управниот одбор, во кој мнозинство имаат претставници на ВМРО–ДПМНЕ и ВЛЕН, три години ги блокира сите клучни проекти – набавката на нови камиони, инвестициската програма и решавањето на статусот на стотици вработени кои со години работат без договори на неопределено време.
„Опструкциите се прават по партиски налог, со цел да се создаде впечаток на нефункционалност во претпријатието и хаос во градот. Наместо да се расчисти со тие криминални структури, сега се напаѓа директорот кој се обидуваше да воведе ред“, нагласи градоначалничката.
Арсовска во изјавата додаде дека ВМРО–ДПМНЕ, преку своите кадри, со години ги одложува набавките и одлуките за модернизација на системот за собирање отпад, а јавноста сега го гледа резултатот од тие опструкции.
