|

Арсовски: Ако нема договор за избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе протестни активности во целата држава

ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните, со јавноста, со населението, оди до крајната цел, а тоа се предвремени парламентарни избори, на кои ќе падне оваа криминална и катастрофална Влада, која ја уништува Република Македонија, истакна на денешната прес-конференција, Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Следниот период ќе биде прилично исполнет со активности, каде што ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе преземе разноразни протестни активности во целата држава, сè до нашата конечна цел, сè до конечната цел што ја посакуваат и граѓаните и јавноста, тоа е опаметување на оваа криминална власт предводена од СДСМ и ДУИ и распишување предвремени парламентарни избори“, истакна Арсовски.

Појасни дека тимови составени од извршниот комитет на партијата, пратениците, раководството, ќе бидат присутни во секое населено место помеѓу населението и граѓаните и ќе се врши, како што најави, општа мобилизација на народот против власта, кој и онака, како што рече, веќе е на страната на ВМРО-ДПМНЕ.

„Предвремените парламентарни избори се нужни и мора да се случат што побргу. Секој ден, ама буквално секој еден ден поминат со оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ, е нова катастрофа и нов пораз и за државата и за граѓаните. Тоа мора да прекине и не смее да ни се случува повеќе како држава. Ковачевски и Ахмети треба јасно да знаат дека граѓаните бараат промена на оваа криминална власт и дека единствено, ама единствено решение, се само предвремени парламентарни избори. И нема друго решение. Тоа е единственото решение“, напомена Арсовски.

„Доколку и понатаму продолжат да ја игнорираат потребата од избори што ги бараат ВМРО-ДПМНЕ, опозицијата и граѓаните, ние ќе бидеме принудени да пристапиме како што најавивме и, како што рековме, кон целосна блокада на институциите, на патиштата, на целата држава, за конечно да се оствари целта што ја посакуваат сите во оваа држава, освен власта, а тоа се предвремени парламентарни избори. Доволно се кријат, доволно бегаат, нека излезат на мегдан да се соочат со ВМРО-ДПМНЕ, со опозицијата и со граѓаните“, порача Арсовски.

„Ако прејдеме на блокада на целата држава, која исто така ќе биде успешна, секако ќе има избори, само треба да си ги скратат маките и нервозите“.

Затоа, како што рече, потребни се предвремени парламентарни избори што побргу за да се поштеди целата држава од блокади, а воедно и оваа криминална власт, како што истакна, ќе ги поштеди и граѓаните од секојдневното крадење, кое во моментот го прават.

Слични Објави