АВМУ: Сите медиуми од ноќеска на полноќ да ја приспособат својата програма за изборниот молк
Со завршувањето на изборната кампања за вториот круг од локалните избори 2025 година, од полноќ почнува изборниот молк, кој ќе трае до 19 часот на 2 ноември 2025 година, соопшти Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (АВМУ).
За време на молкот, медиумите можат да известуваат за текот на гласањето, но не смее да се емитуваат или објавуваат никакви форми на изборно медиумско претставување, се наведува во соопштението.
„Медиумите ќе го прекршат изборниот молк доколку емитуваат информации, фотографии, аудио или видео материјали поврзани со учесници во изборите, кои се отворено или прикриено во функција на кампања и може да влијаат врз одлуката на избирачите. Ова вклучува и податоци кои ја откриваат идентификацијата на политички субјекти, поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати, претставници на партии или носители на јавни функции“, соопшти АВМУ.
Агенцијата очекува сите медиуми да ја приспособат својата програма и активности според правилата за изборен молк.

