Бугарски пратеници ќе донираат за лекувањето на ќерката на загинатиот воен пилот Венцислав Дункин
Пратениците во Комисијата за одбрана на бугарскиот парламент најавија дека ќе помогнат да се обезбеди потребната сума за лекување на малата Анастасија, ќерка на трагично загинатиот воен пилот Венцислав Дункин од Разлог. За хуманитарната кампања колегите ги информираше пратеникот од „Прогресивна Бугарија“, Иван Димитров, јавува 24 часа. Министерството за одбрана и Бугарската армија упатија повик за помош и солидарност со нејзиното семејство.
Таа е ќерка на капетанот на Военото воздухопловство Венцислав Дункин, кој загина при извршување на својата војничка должност на 13 септември 2024 година, и на постариот поручник д-р Елеонора Димитрова. Анастасија се родила три месеци по смртта на својот татко, кој загинал за време на лет во воздухопловната база „Граф Игнатиево“, една седмица пред да склучи граѓански брак со својата партнерка Ели.
„По претрпениот мозочен удар, на малата Анастасија ѝ е потребна итна и интензивна неврорехабилитација за да добие шанса за исполнето детство. Потребната сума изнесува 7.416,15 евра за тримесечен курс на лекување. Хуманитарната кампања е отворена до 1 септември 2026 година“, соопшти бугарското Министерство за одбрана.
Иван Димитров пред членовите на Комисијата објасни дека детето претрпело мозочен удар предизвикан од вродена срцева малформација. Како последица од ударот, нарушена е моторната функција на десната рака и десната нога, поради што е потребна долготрајна и интензивна неврорехабилитација.
„Потребната сума изнесува 7.416 евра, а дел од неа веќе е обезбеден. Не можеме да останеме рамнодушни и да не му помогнеме на детето со преостанатиот износ“, изјави Димитров.
Неговиот предлог го поддржа и копретседателот на „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев. Пратениците се договорија меѓусебно да ги споделат податоците за донаторската сметка и да го обезбедат целиот преостанат износ.
