Мицкоски повика на масовно гласање во Центар и Скопје: Поддршка за Лабудовиќ и Ѓорѓиевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од општина Центар упати јасен повик до граѓаните да излезат масовно на вториот круг од локалните избори и да го поддржат кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, како и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Мицкоски истакна дека победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи целосна вертикална поддршка од Владата кон општините, што ќе придонесе за реализација на повеќе проекти во интерес на граѓаните.
„Со поддршката од Владата и една вертикална соработка, ќе можеме да реализираме повеќе проекти за жителите на Центар. Сигурен сум дека ќе имаме ефикасна соработка, бидејќи досега таа беше еднонасочна, само од страна на Владата“, рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните обединето да излезат на гласање, да го заокружат бројот 9 и да направат, како што рече, „вистинскиот избор за сигурна иднина и развој на општина Центар и град Скопје“.
„Убеден сум дека после вториот круг, Центар ќе има нов градоначалник, г. Лабудовиќ, а Скопје нов градоначалник, Орце Ѓорѓиевски“, додаде Мицкоски.

