БАДНИК- КОЛЕДАРСКИ ПОВОРКИ И ЛЕПЧЕТО СО ПАРИЧКА

На бадната вечер, изутрината пред изгрејсонцето, се подготвува коледарската поворка која во минатото била составена од група на женети мажи и возрасни мажи, а денеска тоа е оставено на дечињата, најчесто момчиња и девојчиња од различна возраст. Главната функција на коледарите е дарување, честитање и благословување. Коледарите одат во помали или поголеми групи, носат торби, пеаат коледарски песни од куќа на куќа и домаќинките ги даруваат со разновидни подароци. Најчесто се дарува овошје (костени, смокви, јаболка, мандарини, колачи, па дури и пари.

Вечерта на Бадник, се собираат поблиските членови од семејството да го прослават овој празник заедно. На трпезата се поставува обредна  посна вечера(гравче-тавче, ореви со лук, печена тиква  итн.). Најзначаен елемент на бадниковата вечера е кршењето на кравајчето, пупето, погача со претходно замесена паричка. Домаќинот го зема лепчето и  процедуално додека го крши, именува за кого е. Првото парче е за Бог, второто е за куќата, па потоа крши по ред на сите домашни по старешинство. Се верува дека онаму каде што ќе се падне паричката, таму ќе биде среќата цела година. Карактеристично за овој празник е што трпезата не се раскрева, туку се остава да преноќи се до следниот ден. Се верува дека откако ќе се роди Бог, тој ќе биде гладен и ќе сака да си прикасне вечерта. За овој обичај, се остава и свеќа на маса или огниште(камин) со цел да му се осветли патот на Бог и да не ја одмине нивната куќа.

Секаде низ нашава земја, во секое село и град, обичаите и содржината на песните кои се применуваат во коледарската поворка се различни и претставуваат засебна приказна. На пример, во некои делови од  Западна Македонија луѓето не кршат лепче со паричка на  Бадник на 6ти јануари, туку ја прославуваат Василица и на тој ден се меси зелник со праз или тиква и во него се замесува паричка.

Интересен податок вели дека ноќта на Бадник била битен момент за претскажувањето /гатањето/, за изборот на идниот брачен партнер. Девојките кои биле “стасани за мажење “ носеле на стожерот огледало таму да преноќи. Таа ноќ, на сон им се претскажувало кого ќе го земат за маж. Улогата на стожерот како домашен дрвен идол, е потврдена  во повеќе обичаи и верувања во Македонија и пошироко кај Јужните Словени.

Во минатото, кога оделе женетите мажи на коледе, со сето тоа што ќе го собереле при коледарската поворка, се собирале сите заедно и правеле гозба. Денеска, “одењето на коледе” претставува дел од детскиот фолклор и е од забавен карактер.

Иако човекот низ времето немал намера да создава традиција, култура и широк спектар на обичаи, сетоа тоа го правел за да се прилагоди на условите во кои живеел и заради егзистенција, денеска целиот тој систем на верувања, одиграл голема улога во создавањето на суштината на нашиот народ и идентитет и по што ние се разликуваме од другите народи низ светот. Иако за многумина тој систем на верувања е застарен и го наоѓаат непрактичен, постојат луѓе коишто си ја сакаат, поддржуваат и почитуваат својата традиција. Изведувајќи ги овие обичаи и ритуали, ја одржуваме нашата традиција, култура и фолклор кои претставуваат лична карта за еден народ.

Оваа статија е посветена на новогодишната магија на божиќните празници искажана преку љубовта, среќата и вербата на луѓето кои се стекнуваат повторно при нивното заедничко подготвување и прославување  и во тоа е убавината во овие празници.

Автор: Кристина Паско, етнолог

Слични Објави