|

Рудникот во Иловица е бизнис на СДСМ и ДУИ, министерката што протестира е лицемерна, рече Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека рудникот во Иловица е владина бизнис зделка пред сѐ на ДУИ коишто се дел од овој проект и СДСМ која ги спроведува нивните наредби.

„Ова преставува јасна бизнис зделка на коалиционите партнери. Тука е ДУИ која што веќе и со сопственост влегува во оваа зделка и нормално тука е и помалиот коалиционен партнер, измеќарите од СДСМ коишто коленичат пред наредбите на ДУИ. ДУИ наредува, СДСМ поддржува и исполнува. Отприлика така функционира денеска владата во Македонија и сѐ додека така функционира владата во Македонија, Македонија ќе назадува, вклучително и ова што денеска го кажавте незадоволството на граѓаните во регионот на Струмица и струмичко, општините Босилово, Ново Село пред сѐ каде што се предвидени овие објекти“, потенцираше Мицкоски.

Тој исто така додаде дека е крајно лицемерно што министер од владата, алудирајќи на министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која ја донесе одлуката за рудниците, најави дека ќе присуствува на протестот против рудникот во Иловица.

„Замислете какво лицемерие, какви двојни стандарди, Владата носи одлука за спојување, а министерот во таа иста влада вели дека ќе биде денеска заедно со тие луѓе коишто протестираат. Па ако не се согласува со таа одлука може уште истиот ден да поднесе оставка. Зошто не поднесе оставка? Еве денеска нека ја најави својата оставка, нека поднесе оставка и нека замине од политичката сцена ако не се согласува со политиките на Владата“, кажа Мицкоски.

Денеска во Струмица протестираа еко-активистите и граѓаните кои упатија силни критики до политичките партии и најавија масовен отпор доколку не се испочитува нивното барање рудник во Иловица да нема.

Слични Објави