„Јуроп хаус“ со богата програма за младите во Кочани до крајот на годината
Почнувајќи од септември, па сè до декември, „Јуроп хаус“ најавува серија активности во Кочани посветени на учениците од основните и средните училишта. Првиот настан ќе се одржи денеска на градскиот плоштад, пред Домот на култура, ќе настапат „Биби и Боби“.
„Настанот се организира по повод почетокот на учебната година, со посебен акцент на најмладите, првачињата“, велат од „Јуроп хаус“.
На 19 септември следува „Вело родео“, што се реализира во рамките на Европската недела на мобилност, во соработка со „ECO LOGIC“. Настанот опфаќа работилници за безбедно возење велосипед, кои ќе завршат со практично претставување на новата велосипедска патека со препреки и предизвици.
„Целта е да се едуцираат младите и граѓаните за важноста од безбедно движење, како и да се поттикне користењето на алтернативни и еколошки форми на транспорт“, посочуваат организаторите.
До крајот на септември, во соработка со Амбасадата на Шведска, ќе се реализира и интерактивната борд-игра „Election Ville“, наменета за средношколците од Кочани.
„Играта оваа година се реализираше низ шест градови во државата и кулминираше со големото финале во Скопје. Активноста има за цел да ги запознае младите со начинот на функционирање на локалната власт. Тимот од средношколците од Струмица, кои победија на националното финале во Скопје, ќе бидат модератори на играта во Кочани“, велат од „Јуроп хаус“.
Активностите ќе продолжат и во октомври, ноември и декември, со различни претстави и работилници отворени и за пошироката јавност.
„Со овие активности, „Јуроп хаус“ ја продолжува својата мисија за активно вклучување на младите и граѓаните во културни, образовни и општествени иницијативи. Програмата во Кочани претставува и континуиран придонес кон развојот на помалите локални заедници низ државата“, велат оттаму.
