Багерот на пешачки ја прегази Ленче Јованова – истакнат археолог и автор на бројни студии
Шеесет и шестгодишната Ленче Јованова е жената која трагично загина кога ја прегази багерист во Скопје.
Таа беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје.
На „Фејсбук“ страницата на МАД велат дека со големо неверување на примиле веста дека нивната колешка трагично го загубила животот.
„Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје. Таа остави длабок и неизбришлив траг во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на бројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографиските изданија Скупи – Colonia Flavia Scupinorum; Скупи – некрополи : стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва; Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс терма – базилика со атриум. Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот“, пишува во објавата на фејсбук-страницата на МАД.
Од Обвинителството информираа дека 42-годишниот багерист, завчера на улицата Јордан Мијалков, на обележан пешачки премин, со машината удрил во телото на една жена – пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала.
ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против лицето, за кое постои основано сомнение дека сторило – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

