|

Бајден со предупредување до Нетанјаху, да не спроведува воена операција во Рафа, без план за заштита на цивилите

Американскиот претседател Џозеф Бајден повторно го предупреди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека не треба да спроведува воена операција во Рафа без соодветен остварлив план за заштита на палестинските цивили, соопшти Белата куќа.

Во разговорот меѓу двајцата лидери во четвртокот, втор за помалку од една недела, Бајден го предупреди Нетанјаху да не започнува операции во јужниот дел на Газа без безбедносен план за околу еден милион луѓе таму, пренесува Ројтерс.

Бајден и Нетанјаху разговараа и за тековните преговори за ослободување на заложниците, а Бајден вети дека ќе продолжи да работи деноноќно за да им помогне на луѓето кои беа заробени од Хамас 132 дена, соопшти Белата куќа.

Израелските сили вчера извршија рација во болницата „Насер“ во Кан Јунис, најголемата функционална болница во Газа, а рацијата проследена со истрели дојде додека Тел Авив се соочува со зголемен меѓународен притисок да покаже воздржаност откако објави офанзива врз Рафа, последното релативно безбедно место за палестинските цивили во Газа, според Ројтерс.

На почетокот на овој месец, Бајден изјави дека верува оти операцијата што Израел ја спроведува против Хамас во Газа е „прекумерна“ и изрази сериозна загриженост за зголемениот број цивилни жртви во палестинската енклава, пренесува Танјуг.



Слични Објави