Банско ќе биде домаќин на фармацевтски форум на експерти од Бугарија, Северна Македонија и Грција
Од 5 до 7 септември во Банско ќе се одржи првиот меѓународен фармацевтски форум, организиран од Регионалната фармацевтска комора – Благоевград, со учество на магистри по фармација, претставници на академската заедница, фармацевтскиот бизнис и националните фармацевтски организации од Бугарија, Северна Македонија и Грција, јавува БНР.
Целта на форумот е да се постават основите за трајно професионално партнерство меѓу трите земји, размена на добри практики и изнаоѓање заеднички решенија во интерес на фармацевтската професија, пациентите и јавното здравје.
Една од главните теми ќе биде економијата на аптеките, а ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Економија на аптеката: стратегии за разумни цени на лековите“.
Претседателот на Регионалната фармацевтска комора – Благоевград, Константин Качулев, посочи дека зголемената мобилност и полесниот пристап до информации создаваат услови за поблиска соработка меѓу фармацевтите во соседните земји.
„Особено по нашето влегување во Шенген, растојанијата станаа пократки, а границите поотворени. Патуваме сè почесто и имаме сè подостапни информации од колегите во овие блиски земји“, изјави Качулев.
На форумот ќе се разгледуваат и разликите во цените на лековите, моделите на финансирање и одржливоста на секторот. Според Качулев, ниските регулирани цени не секогаш значат и пониски трошоци за пациентите, особено кога тие покриваат голем дел од цената на лекот.
Организаторите планираат иницијативата да продолжи и по првиот форум, а во иднина во соработката да бидат вклучени и претставници од Србија и Романија.
