БАРАЖОТ МАКЕДОНИЈА – КОСОВО ПОВТОРНО ВИСИ И НЕМА ДА СЕ ОДИГРА ВО ЈУНИ?!

Баражите за пласман на Евро 2020 меѓу кои и мечот Македонија – Косово закажан официјално за 4 јуни останува крајно неизвесен за одигрување на нешто повеќе од два месеци до новиот термин, поради ситуацијата со коронавирусот во Европа и фактот дека не се гледа крајот на големата криза која го запре нормалниот живот во светот.

Српски медиуми веќе најавија дека постои голема шанса за баражите закажани за почетокот на јуни да бидат откажани, од едноставна причина што борбата против опасниот Ковид-19 кој направи ршум во Италија и Шпанија во овој период допрва претстои, па нереално е да се игра фудбал во тој период.

Ова и поради фактот што ниту еден клуб, а по препораки и од ФИФА, нема да ослободи фудбалери додека ситуацијата не се стабилизира насекаде. Јунските баражи висат од причина што засега нејасно е кога ќе продолжат сезоните во Европа, а ако првичниот термин почеток на мај сега е нереален, останува почеток на јуни да биде новиот термин, што би значело дека би се поместил планот на УЕФА договорен пред десетина дена.

Во моментов планот на УЕФА беше ако сезоната продолжи од почетокот на мај, но Италијанците, а веројатно сега и Шпанците ќе побараат сезоната да се рестартира дури од јуни, а да се искористат јули и август за да се доигра сезоната. Поради сето ова можно е баражите повторно да се поместат, сега за септември, па „жртва да биде новата сезона на Лигата на нации“ или пак, за некој друг термин.

За да почне сезоната, т.е. да се рестартира ќе биде потребно најмалку две недели пред официјалниот нов почеток, фудбалерите да се вратат во тренажен процес, што би значело дека ако тренажниот процес почне кон средина на мај, практично невозможно е да се игра баражот, а фудбалерите наместо со клубовите првода бидат со репрезентациите.

Дека мечот виси може да се протолкува и од изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека пикот на коронавирусот во Македонија се очекува кон крајот на мај, а потоа би следел периодот за стабилизација и секако дека го доведува тој историски меч на црвено-жолтите во неизвесност.

УЕФА ги закажа полуфиналињата за 4 јуни, а финалето во секоја од дивизиите на 9 јуни. Победниците од четирите дивизии од Лигата на нации ќе ги пополнат четирите места на Евро 2020, кое е одложено за идното лето.

Извор: Спорт1