КОНТРАРЕФЕРЕНДУМ НА „МЛАДИ ЗА МАКЕДОНИЈА“

//

На својата страница на фејсбук организацијата „Млади за Македонија“ којашто дејствуваше како еден од оргнозаторите на протестите против промена на името, денес објави дека започнува иницијатива за собирање потписи за т.н татковински контрареферендум.

Целта на овој нов референдум, како што велат, е да ги одбрани и трајно да ги заштити трите македонски црвени линии: уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитетот.

„Новиот татковински спротивставувачки референдум ќе издејствува трајна заштита на уставното име на Република Македонија, македонскиот јазик и идентитетот од правен аспект и со потребните поправки во законската регулатива во иднина ќе спречи такви манипулации. Бојкотирањето на нелегитимниот референдум најавен од Владата за есенва, ќе осигури немање цензус за него, со што иницијативата пропишана со т.н. преспански договор ќе стане правно невалидна. Бојкот на референдумот е иницијатива што е започната од организацијата пред неколку месеци и активно доби поддршка од илјадници приврзаници во земјата“, се вели во соопштението на „Млади за Македонија“.

Во описот на „Млади за Македонија” стои дека тоа е студентска непартиска организација која ги обединува студентите и младите од сите политички спектруми во одбрана на промената на името на државата.

Во моментов нивниот правен тим работи на прецизно формулирање на референдумското прашање кое би било насочено кон трајна заштита на уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитет, во согласност со Законот за референдумот и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 81 од 27.9.2005 година.



Прашањето за референдумот организацијата има намера да го објави најдоцна во почетокот на август, а најавуваат дека тој ќе биде спроведен во Македонија, но и во македонската дијаспора.

„За успешно свикување на татковинскиот референдум ќе бидат потребни 150.000 потписи на граѓаните на РМ по што Владата ќе биде принудена да го распише овој референдум за заштита на Македонија“, велат од „Млади за Македонија“.



Претходна статија

ШКЕНДИЈА ПРОТИВ РЕД БУЛ САЛЦБУРГ ВО НАРЕДНОТО КОЛО

Следна статија

ОТИДОВ МАЈКО ВО КОМИТИ

Најново од Вести