Белград го проширува притисокот врз Косово преку просрпските мрежи во Црна Гора и Северна Македонија
Д-р Гуракуч Кучи/специјално за БГНЕС
Србија поттикнува антикосовско расположение меѓу граѓаните на Црна Гора и Северна Македонија, стремејќи се постепено да ги пренесе, во рамките на својата стратегиска комуникација против Косово, на институционално и државно ниво. Овие ставови повеќе не се наоѓаат на периферијата на политичкиот живот или меѓу националистичките групи. Тие се манифестираат во општините, кај парламентарно претставените партии и меѓу високи државни функционери со јасно изразена линија на спротивставување кон Република Косово.
Не станува збор само за пропаганден процес. Се работи за обид да се произведе општествено непријателско разположение, и истото да се претвори во политичка клима, а потоа да се преточи и во институционални позиции. Така, оспорувањето на Косово повеќе не изгледа само како официјален став на Србија, туку е претставено како волја на граѓани и институции во соседните држави.
На 12 мај, на денот на Свети Василиј, почитуван од српските и црногорските православни христијани, општина Зета во Црна Гора, управувана од Демократската народна партија, донесе одлука за „поништување“ на признавањето на Косово. Тоа следуваше по митингот на партијата, одржан на 10 мај под водство на црногорскиот пратеник Милан Кнежевиќ, на кој беше најавена кампања за повлекување на признавањето на Косово. Кнежевиќ употреби отворено националистички јазик и изјави дека Црна Гора треба да се ослободи од тој „колонијализам“ и да се врати кон корените на Његош.
На прв поглед, ваквата одлука може да изгледа апсурдно. Општините не признаваат држави и не можат да поништат признавање по прашање што не е во нивна надлежност. Токму тука, сепак, лежи суштината на проблемот. Целта не е правен ефект, туку политичко, психолошко и симболично влијание.
Зета не може да го промени статусот на Косово, но може да создаде преседан. Таа може да ја тестира реакцијата на Подгорица, јавното мислење, меѓународниот фактор и другите општини во кои просрпските актери имаат влијание. Затоа овој случај не треба да се чита како обична општинска одлука, туку како тест за изнесување на српското оспорување на Косово во локалните институции на соседните држави. Се користи акт без правна вредност за да се произведе политички, емоционален и комуникациски ефект.
Ова е поразвиена фаза на хибридната војна. Прво се создава наратив. Потоа се формира колективна емоција. Таа емоција се вградува во религијата, историјата, спортот, фестивалите, графитите и политичките собири. Во подоцнежна фаза, локален актер ја претвора оваа атмосфера во институционален акт, дури и кога тој нема никаква правна сила.
Целта е преку религијата, национализмот, историјата и идентитетот во црногорското општество да се поттикнува омраза кон Косово и симпатии кон просрпските позиции. По изборите во 2020 година и политичките промени во Црна Гора, влијанието на просрпските и проруски партии постепено се засили. Не е случајна ниту инструментализацијата на пописот, при што преку политички, црковни и идентитетски кампањи беа направени обиди да се промени балансот на националната самоидентификација во полза на српскиот идентитет.
Подетално го разгледав ова прашање во мојот труд „Геополитички ризици и реконфигурации: Србија и предизвикот за стабилноста на Црна Гора“, каде што посочив дека Србија се стреми да ја користи Црна Гора како простор за преуредување на своето регионално влијание. Белград не ја доживува Црна Гора како соседна држава, туку ја смета за изгубен стратегиски, идентитетски и геополитички простор. За Србија, загубата на Црна Гора значи и загуба на пристап до море, на стратегиска длабочина и на дел од српскиот историски наратив за православието, словенството и политичкото наследство на регионот.
Токму затоа Косово се користи во Црна Гора не само како надворешнополитичко прашање, туку и како инструмент за пренасочување на политичкиот идентитет на самата Црна Гора. Повикувањето на Његош од страна на Кнежевиќ ја надминува историската реторика и се претвора во политичка порака. Преку Његош, Српската православна црква, Свети Василиј и други религиски и историски симболи се гради идеолошка линија во која Црна Гора е дел од „Српскиот свет“, а не граѓанска, независна и евроатлантска држава.
Во таа смисла, случајот со Зета е директно поврзан со обидот за создавање круг од просрпски општини, структури и актери во Црна Гора. Не е неопходно тој круг веднаш да биде прогласен како формален проект, бидејќи може постепено да се гради преку општините, партиите, црквата, медиумите, пописот, историските наративи и локалната мобилизација.
Прво се создаваат просрпски политички острови. Потоа тие меѓусебно се поврзуваат. На крајот можат да бидат искористени како основа за пошироки политички барања: поголеми овластувања, автономија, асоцијација на општини, федерализација, референдум или притисок врз централната власт.
Оваа логика станува уште посериозна кога гледаме дека анти-косовските настроенија не се ограничуваат само на општини или локални фигури како Зета и Кнежевиќ. Тие веќе стигнале и до највисокото институционално ниво во Црна Гора. Сегашниот претседател на парламентот, Андрија Мандиќ, е меѓу најистакнатите противници на признавањето на Косово од страна на Црна Гора. Неговите претходни ставови против Косово не останаа само опозициска реторика, бидејќи денес тој ја предводи највисоката претставничка институција на црногорската држава и е дел од безбедносната архитектура на земјата.
Ова покажува дека не станува збор за изолирани инциденти, туку за политички, институционален и комуникациски синџир. Општините служат како тест-терен. Просрпските партии дејствуваат како механизми за мобилизација. Централните институции можат да се претворат во простор во кој оваа клима ќе биде трансформирана во притисок на државно ниво. Во овој синџир, Зета и Кнежевиќ функционираат како локални лостови на агендата на „Српскиот свет“, а Мандиќ го покажува продорот на ова расположение во централното институционално ниво. Значењето не е во одлуката на Зета како документ, туку во Зета како политичка лабораторија.
Истата логика ја гледаме и во Северна Македонија. Во јануари 2026 година, случајот во Вевчани покажа како српските националшовинистички наративи продираат во културниот живот, празничните манифестации и локалните заедници. На 16 јануари посочив дека овој случај е карактеристичен за фазата на психолошки и социјален притисок во хибридната војна, при што целта не е нужно непосредна ескалација, туку постепена нормализација на јазикот на омразата и конфликтот.
На спортските настани во Северна Македонија слушаме отворено антиалбански скандирања, вклучително и повици како „Убиј ги Албанците“. Овие пораки не треба да се разгледуваат како изолирани случаи, бидејќи се повторуваат во различни форми во Србија, Црна Гора, Северна Македонија и други простори на Западен Балкан.
Еден графит може да биде инцидент. Скандидирање на стадион може да биде инцидент. Еден карневал може да биде претставен како сатира. Општинска одлука може да изгледа апсурдно. Но, кога сето тоа се повторува во различни држави, со истата антикосовска и антиалбанска логика, тогаш веќе не зборуваме само за инциденти. Зборуваме за модел на дејствување.
Овие случаи покажуваат дека Србија дејствува повеќенасочно. Таа користи национализам, религија, спорт, графити, фестивали, општини и политички актери за да создава анти-косовски расположенија во регионот. Целта е најпрво да се генерира општествен притисок, потоа да се изгради политичка клима и на крајот таа клима да се претвори во институционални позиции против Косово.
Затоа станува збор за форма на психополитичко опкружување на Косово. Не за класично воено опкружување, туку за опкружување преку непријателство произведено во општествата околу него. Целта е Косово да се соочи не само со оспорувањето на неговата државност од страна на Србија, туку и со вештачки создадена непријателска клима во Црна Гора и Северна Македонија.
Ова ѝ служи на Србија на неколку начини. Се релативизира агресивната улога на Белград, бидејќи прашањето повеќе не се претставува како „Србија против Косово“, туку како „регионално незадоволство“ од Косово. Се создава притисок врз соседните влади да не го поддржуваат силно Косово. Во исто време, Србија добива пропаганден и дипломатски материјал за да го претставува Косово како дестабилизирачки фактор, додека самата таа се прикажува како држава која „управува со загриженоста“ на Србите и своите сојузници во регионот.
Затоа Зета и Кнежевиќ не се почеток на оваа стратегија. Тие се нејзино активирање во отворена политичка форма. Правниот ефект од дејствијата на општина Зета е нула. Политички и психолошки, сепак, ефектот е реален. Ова е типична еволуција на хибридната војна: од наратив кон емоција, од емоција кон мобилизација, од мобилизација кон акт на локално ниво и од него кон институционален притисок. Ако овој модел не биде препознаен и запрен навреме, тој може да се претвори во регионален политички синџир против Косово.

