Берлинскиот ѕид- два пати по 10. 316 денови
5 февруари 2018 година – за целиот свет е можеби еден сосема обичен ден, но за Берлин ова е многу важен датум. Тоа е датум што носи историја, единство и надеж за новата генерација која не го ни видела Берлинскиот ѕид.
10 316 денови, или 28 години, два месеци и 27 деноноќија- точно толку долго продолжува постоењето на Берлинскиот ѕид од почетокот на градбата на 13 август 1961 година до денот на кој тој конечно е срушен, 9 ноември 1989 година
На 5 февруари 2018 година се навршуваат точно 10 316 дена откако падна Берлинскиот ѕид – од тогсш секој може да се движи слободно низ градот. И не само – може да има пријатели насекаде, да чита книги, учебници и вести без цензура, да учи таму каде што сака, да има право на сопствено мислење и право да го изразува слободно. Да има избор.
Една генерација пораснала со ѕидот, една генерација живее без да го видела. Но, многу од тие што живееле во времето на ѕидот и сега сметаат дека периодот во кој тој постоел е многу подолг од оној што следел.
Во 1961 година Берлин е окупиран град поделен на четири сектори – советски (источен) и американски, британски и француски (во западниот дел). Поранешниот главен град на Третиот рајх се наоѓа целосно на територијата на т.н. Германската Демократска Република – западниот сектор е остров, единствена можност за спас од диктатурата на комунистите. Помеѓу 1945 и 1961 година, речиси 3,5 милиони Берлинчани бегаат од советскиот сектор во Западен Берлин.
Раководството на ГДР и СССР одлучува да стави крај на тие бегства со физичка бариера и тешко вооружени чувари.
На 12 спроти 13 август 1961 година шефот на Социјалистичката партија на единството на Германија (SED) Валтер Улбрихт заповеда да почне изградбата на ѕидот по граничната линија на советскиот окупационен сектор. Одговорен за проектот е идниот генерален секретар на Централниот комитет на партијата, Ерих Хонекер.
Градоначалникот на Западен Берлин, Вили Брандт, протестира против она што се случува. На 16-ти август, е организирана протестна демонстрација предводена од градоначалникот на градот, која собира 300.000 луѓе. Од Бон, главниот град на Западна Германија, канцеларот Конрад Аденауер ги повикува луѓето да останат мирни. Реакцијата по поделбата на градот е импотентна.
“Подобро ѕид, отколку војна”, вели американскиот претседател Џон Кенеди, кога дознава за распоредувањето на гранични амортизери и бодликава жица низ центарот на Берлин. Две години подоцна тој го посетува градот, за да ја потврди поддршката на западните сили и ја изговара историската реченица “Јас сум берлинчанин”.
Теророт започнува од другата страна на ѕидот. Оние што ќе се обидат да прескокнат од другата страна се убивани на самото место.
За 28 години има само 5.000 успешни бегства од исток на запад преку тајни тунели, со мали авиони или понекаков друг начин. Најмалку 139 лица загинале во обид да се преминат на Запад – речиси сите од нив се убиени од граничната полиција на ГДР.
“ГДР беше германската соба за чекање. Сите вечно чекавме. Чекавме нешто да се случи, чекавме да пуштат овошје и зеленчук, чекавме да ни стават телефон, да добиеме дозвола за домување. Чекавме за автомобил, за карта за одмор – целата држава чекаше”, пишува новинарот Лотар Хајнке.
За време на постоењето на Ѕидот жителите на Источен Берлин стануваат лути дека просперитетот и слободата од другата страна на границата им се одбиени и по револуциите против СССР во други земји тие почнуваат да сакаат слободен премин на запад.
Протестите достигнуваат кулминација во ноќта на 9 ноември 1989 година, кога збунетите чувари ги отвараат вратите кон 22,45 часот. Ова се случува откако портпаролот на Комунистичката партија во Источен Берлин, Гинтер Шабовски најавува порано истата вечер, дека преминот ќе биде отворен веднаш .
“Берлинскиот ѕид не е исчезнат, едноставно ја променил својата физичка состојба. Од бетонски градба тој се претвори во чувство. И тоа можеби се случи уште во денот по кој луѓето за првпат се искачија на ѕидот за да прослават , тие танцуваа и заплакаа “, пишува Јана Хансел во” Die Zeit “.
Чувствата и емоциите едноставно не можат да се мерат со броеви, за нив не постои единица мерка, така што разбирањето на два еднакви временски периоди изгледа премногу тешко. Ѕидот, чија армирано-бетонска структура не го разделуваше само градот, туку и целиот свет на две половини, сé уште не се распадна целосно во размислувањето на луѓето.

