Бугарскиот министер за образование и наука проф. д-р Георги В’лчев: Бесарабските и банатските Бугари имаат значаен придонес во развојот на Бугарија
Бесарабските и банатските Бугари имаат значаен придонес во развојот на Бугарија и успеале со векови да го зачуваат својот идентитет, изјави бугарскиот министер за образование и наука Георги В’лчев на отворањето на меѓународната научна конференција „Бесарабските и банатските Бугари во историски и современ контекст: јазик, културна меморија, идентитет“ во Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, јавува БТА.
„Исклучително важно прашање во современиот свет е како различни дијаспори се интегрираат во други држави и културни средини, а истовремено го зачувуваат својот идентитет“, рече В’лчев.
Тој истакна дека по ослободувањето на Бугарија многу бесарабски Бугари, меѓу кои и питомци на Болградската гимназија, учествувале во поставувањето на темелите на модерната бугарска држава. Меѓу нив бил и првиот ректор на Софискиот универзитет, Александар Балан.
В’лчев најави дека бугарската држава и во наредните години ќе продолжи со поддршката на бугарските заедници во странство. Државата финансира 77 бугарски неделни училишта во историските области на Бесарабија и Банат, во кои учат повеќе од 9.000 ученици.
Во бугарските високообразовни институции во моментов студираат повеќе од 1.700 студенти од бугарските заедници во Украина и Молдавија.
На конференцијата учествуваат повеќе од 45 научници од шест држави. Организатори се Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките и Катедрата за кирилометодиевистика на Софискиот универзитет.
