|

Бесплатен роаминг за Македонците во ЕУ од 1 јануари 2027 година, Андоновски го кажа најоптимистичното сценарио

Роамингот за Македонците кои ќе патуваат во земјите од Европската Унија најрано може да се укине од први јануари следната година. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели земјава ги завршила сите подготовки па сега целиот процес зависи само од Европската Унија.

„Ние сме подготвени кон тоа да влеземе веднаш, но роковите ќе зависат од Европската Унија. Едно оптимистичко сценарио е дека до крајот на годината би ја имале оваа можност за нашите граѓани. Сепак зависи од Европската Унија, не зависи од нас рокот. Најоптимистичното сценарио би значело роаминг од први јануари 2027 година“, вели министерот Андоновски.

Тој потсети дека иницијативата е на Европската Унија со цел да се намалат трошоците за граѓаните од Западен Балкан кои ќе патуваат во ЕУ, но и за граѓаните од ЕУ кои што патуваат во земјите од Западен Балкан.

„И покрај дезинформациите дека сме биле исклучени, направивме сериозни напори и државата ја донесе потребната регулатива за да ги промени четирите директиви и регулативи на Европската Унија и да овозможи бесплатен роаминг за граѓаните од РС Македонија кога ќе патуваат во Европската Унија. Последната измена на Законот за електронски комуникации е испратена на Европската комисија на мислење, утврдена е на Влада и испратена. По позитивното мислење од страна на Европската Унија ќе биде донесена и во Собранието“, рече министерот Андоновски.

Во меѓувреме, Андоновски извести дека ЕУ почнува преговарачки процес за укинување на роамингот и од кај нас веќе се номинирани преговарачи. Прецизниот распоред со рокови Андоновски очекува да биде утврден наредната недела по состанокот во Тиват меѓу ЕУ и Западен Балкан.

„Овој процес ќе содржи одобрување на законот, преговори, а потоа потпишување договор налик на договорот за стабилизација и асоцијација од 2000 година, ЕУ со секоја држава поединечно од Западен Балкан за постигнување на овој ефект“, рече Андоновски.

Македонските граѓани кои патуваат во земјите од ЕУ сега плаќаат за роаминг услугите неколкупати повеќе отколку за телефонските услуги дома. Роамингот е како дома само за патувања во земјите од Западен Балкан.

 

Слични Објави