Бесплатна телефонска линија за пријавување неправилности на изборите
Народниот правобранител воспостави бесплатна телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат евентуални неправилности на денот на гласањето во првиот круг од локалните избори што ќе се одржат утре.
Граѓаните кои ќе забележат пречки или повреди при остварувањето на своето избирачко право можат да се јават на бројот 0800-54321, кој ќе биде достапен од 07:00 до 19:00 часот.
Покрај телефонски, пријавите ќе може да се поднесат и лично во канцелариите на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.
Од институцијата нагласуваат дека надлежните органи се обврзани да обезбедат целосна заштита на уставно загарантираното право на глас, кое се остварува непосредно и тајно.
„Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се спроведува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде санкциониран поради користење на ова право, а секое нарушување на слободата на определување на гласачите или друго мешање во изборниот процес претставува кривично дело,“ наведуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

