ОЈО Струга отвори предмет за спомен-куќата на Владо Малески
Основното јавно обвинителство во Струга отвори предмет поради уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, кое се случи при изведување градежни работи во близина на објектот од страна на лице од селото Велешта.
Како што соопшти обвинителството, на 16 октомври јавен обвинител извршил увид на местото на настанот во присуство на градежен вештак. Наредено е вештачење, а се преземаат и дополнителни активности за целосно утврдување на околностите под кои дошло до уривањето.
Инцидентот се случил при изградба на индивидуален објект во старото градско јадро, кога бил срушен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција на куќата, која е заштитена како културно наследство.
Министерството за култура најави дека ќе изработи проект за обнова и реставрација на спомен-куќата, со цел да се зачува нејзиниот автентичен изглед и историски дух.
