|

Денеска гласаат затвореници, болни и лица во старски домови

Еден ден пред главното гласање, своето избирачко право денеска го остваруваат 2.162 затвореници, лица во домашен притвор, 8.851 болни и немоќни лица, како и 442 жители на старски домови.

Најголем број затвореници гласаат во Казнено-поправниот дом Идризово – 938, потоа следуваат затворите во Шуто Оризари со 391 гласач, Штип со 237 и Прилеп со 119 гласачи. Болни и немоќни лица кои добиле одобрение за гласање ќе бидат посетени во своите домови од избирачките одбори. Во старските домови ќе гласаат 442 лица, бидејќи Домот „Арија“ е затворен, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Утре, на 19 октомври, ќе се одржат осмите локални избори во земјава, на кои граѓаните ќе избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Град Скопје.

Гласањето ќе се спроведе на 3.474 избирачки места, а право на глас имаат 1.832.415 избирачи. Изборниот молк ќе трае до затворањето на гласачките места, односно до 19 часот утре.

Слични Објави