Бети Стаменкоска-Трајкоска ја презеде функцијата градоначалничка на Кисела Вода
Откако во вториот круг од локалните избори беше избран за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски утрово ја предаде градоначалничката функција во Општина Кисела Вода на својата сопартијка Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Примопредавањето на функцијата Ѓорѓиевски го соопшти преку објава на социјалните мрежи, во која ѝ честиташе на новата градоначалничка и изрази уверување дека ќе го продолжи започнатиот развоен курс на општината.
„Кисела Вода од денес има нов градоначалник. Бети Стаменкоска-Трајкоска е новата мајка на општината. Знам колку си посветена, колку искрено ја сакаш Кисела Вода и колку труд вложуваш во сѐ. Убеден сум дека ќе го продолжиш патот кој го трасиравме со истата сила, со ист жар и љубов. Ти благодарам за сѐ што направи и за она што допрва ќе го направиш. А со поддршка на градот Скопје, ќе продолжиме да правиме уште поголеми дела. Го имаш мојот збор!“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Бети Стаменкоска-Трајкоска беше избрана за градоначалничка на Кисела Вода уште во првиот круг од изборите, а денес официјално ја презеде функцијата по добивањето на уверението од Државната изборна комисија.
Ѓорѓиевски, пак, синоќа ја прослави победата за градоначалник на Скопје и изјави дека очекува уверението за избор до четврток, по што ќе започне со реализација на своето изборно ветување – за 72 часа да го исчисти градот од ѓубрето.

