БГНЕС: Мицкоски „ослепе“ за „Српскиот свет“ во извештајот на Вајц
„Не сум го видел тој извештај. Кога ќе го видам, ќе го коментирам. Апсолутно ја отфрлам таквата констатација и не верувам дека тоа се содржи во официјален извештај на Европската унија, бидејќи би било многу наивно“, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пренесува БГНЕС.
Тој додаде дека од контактите кои ги има со високи претставници на Европската унија, барем од како што е оваа влада на власт, нема никаква допирна точка со слични тврдења поврзани со концептот „Српски свет“.
„Напротив. Ако некогаш во минатото постоеше иницијативата ‘Отворен Балкан’, денес такво нешто не постои. Се изгуби смислата од неа“, рече Мицкоски.
Агенцијата БГНЕС потсетува дека во предлог-резолуцијата на Европскиот парламент, која се темели врз извештајот на Томас Вајц, директно се посочува дека „Српскиот свет“ е геополитички проект на Србија за доминација на Балканот. Проектот, како што се наведува, не е само економски, туку има цел и промена на државните граници во регионот и ги опфаќа Република Српска, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.
Во точка 80 од извештајот стои:
„Се изразува загриженост за проектот ‘Српски свет’ и фактот што претставници на владата на Северна Македонија го поддржуваат и го промовираат овој концепт; се осудува учеството на средби кои имаат за цел воспоставување сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите држави и стабилноста во регионот.“
Во точка 81 се нагласува:
„Неопходноста од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС) кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија, како и потребата овие архиви да бидат достапни на регионално ниво, за да се надмине тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, отчетноста и институциите на Западен Балкан.“
Во извештајот дополнително се предупредува дека Северна Македонија е цел на непријателски странски влијанија, вклучително и обиди за разединување на општеството и ширење антиевропски наративи преку таблоиди и медиуми на српски јазик, кои, според документот, делуваат како регионални засилувачи на пораките од Кремљ и имаат значително влијание.
Се потсетува дека државата протерала 13 руски дипломати од 2018 до 2023 година поради активности кои не одговарале на нивниот дипломатски статус, што укажува на континуирано присуство на мрежи за прикриено влијание.
Се укажува и дека Кина се обидува да го прошири влијанието преку контрола на информации, инвестициска дипломатија и принудни клаузули во инфраструктурни договори. Извештајот посочува дека кинески дипломатски структури финансирале платена содржина во македонски медиуми без јасно означување на спонзорството.
Анализа од 2023 година покажала дека руски државни субјекти користеле српски медиуми за ширење антинатовски пораки и тврдења дека Европската унија ја принудува Северна Македонија „да се откаже од својот идентитет“.
Во предлог-резолуцијата се изразува загриженост што Северна Македонија и други држави-кандидатки за членство се особено подложни на странско мешање, дезинформациски кампањи, хибридни закани, стратешка корупција и непрозрачни финансиски текови, особено со потекло од Русија и Кина.
Дополнително е нагласена и улогата на Унгарија и Србија во поддршката на геополитичките цели на Пекинг и Москва, како и ризикот од зависност од Кина поради асиметрични договори за заеми, вклучително и заемот од Унгарија за Северна Македонија, кој, според документот, потекнува од кинески извори.

