„Репортери без граници“: Србија со рекорден број напади врз новинари во последната година
Речиси една година по почетокот на масовните протести поради смртта на 16 лица во Нови Сад, Србија се соочува со рекорден број напади врз новинари, соопшти меѓународната организација „Репортери без граници“ (RSF), цитирана од Радио „Слободна Европа“, пренесува БГНЕС.
Од 1 ноември 2024 година досега, најмалку 89 новинари биле жртви на физички напади, а само во 2025 година се регистрирани 82 случаи – најмногу од 2008 година, покажуваат податоците на RSF и Независното здружение на новинарите на Србија (НЗНС).
RSF им оддаде почит на новинарите кои „храбро известуваат за протестите и покрај институционализираното насилство на режимот на претседателот Александар Вучиќ“ и повика на меѓународна поддршка за нивната безбедност.
Организацијата потсети дека на 5 септември и 11 октомври имало особено насилни инциденти во кои полицијата употребила сила против повеќе новинари, меѓу кои и претставници на порталите 021.rs, N1, Mašina.rs и Glas Zaječara.
На 22 октомври Европскиот парламент усвои резолуција со која остро го критикува српското владеење поради нападите врз новинари и поттикнувањето омраза од страна на Вучиќ.
RSF и уште осум организации предупредија дека неактивноста на ЕУ создава опасен преседан за целиот регион и побараа да се користат сите механизми – вклучително и суспензија на европски фондови – за да се заштити медиумската слобода.
Во најновиот Светски индекс за слобода на медиуми за 2025 година, Србија се наоѓа на 96-то место од 180 земји.

