| |

Европратеник: Европската унија ја премолчува вистината за авторитарните режими на Орбан и Вучиќ

Европратеникот Гордан Босанац упати критика кон европските институции за молчењето и недостатокот на јасна поддршка за демонстрантите против режимот на Александар Вучиќ, по ескалацијата на насилството на протестот на Видовден во Белград. Според него, институциите во Брисел свесно се воздржуваат од посилна позиција, ставајќи го зачувувањето на „стабилноста“ на Западен Балкан над сè, вклучително и над демократските вредности, јавува БГНЕС.

„Нема едноставен одговор на ова едноставно, но исклучително важно прашање. Како европратеник можам да кажам дека уште од протестите против експлоатацијата на литиумот гледаме една свесна воздржаност од страна на Европската комисија. Во Европскиот парламент малку се сменија работите, откако неколку колеги укажавме на тоа што се случува во Србија и на активностите на Вучиќ. Но не се залажувам – не верувам дека Комисијата ќе преземе какви било мерки,“ изјави Босанац.

Тој потсети дека дури и Владимир Путин бил стратешки и трговски партнер на ЕУ пред инвазијата врз Украина. Затоа Комисијата нема изградена политика за превентивна реакција кон авторитарни режими. „Мораше да избувне војна за да се смени дискурсот. Истото се случува и сега – гледаме како реагираат кон Орбан во Унгарија: никако. Чекаат работите да ескалираат,“ додаде тој за српскиот весник „Данас“.

Босанац истакна дека спонтаните граѓански протести во Србија се нов феномен, но предвиде дека земјата ќе биде сведок на уште поголемо насилство.
„Очекувам во наредните месеци тоа да се продлабочи. Не заборавајте – го имаме Орбан, лидер на држава која веќе е полноправна членка на ЕУ. А Европската комисија не може да се справи ниту со него. Би сакал да бидат поодлучни, со појасни пораки и реални последици – на пример преку ограничување на европските фондови,“ додаде тој.

И покрај неколкуте воздржани реакции од страна на ЕУ по почетокот на протестите во Србија, официјалните соопштенија беа исполнети со дипломатски фрази и клишеа, кои остро беа критикувани од граѓаните. Особено беше коментирана изјавата на еврокомесарката Марта Кос, дека „студентските барања се во согласност со европските вредности“, но брзо стана јасно дека тоа не значи реално дистанцирање од режимот на Вучиќ.

ЕУ продолжува да ги третира властите во Србија како партнери – особено видливо во пофалбите за новите закони за медиумите и избирачкиот регистар, кои иако формално се дел од преговарачкиот процес, не се подложени на сериозна контрола за нивната примена.

Се поставува прашањето дали забавената реакција на Брисел не се должи на тоа што не е јасно кон каде ќе се наклонат вагите во Србија. Некои аналитичари сметаат дека ЕУ едноставно не гледа реална политичка или општествена сила во земјата што последователно и убедливо ги брани европските вредности и интеграција.

Александра Јоксимовиќ, директорка на Центарот за надворешна политика, објасни дека евродепутатите секогаш имаат повеќе слобода да изразуваат лични ставови, кои често зависат од нивната политичка припадност и од земјата од која доаѓаат.
„Со Србија како кандидат, Брисел одржува развиена институционална врска. Но основната цел на ЕУ во сегашниот геополитички контекст е зачувување на стабилноста на Западен Балкан и ограничување на влијанието на трети сили,“ рече таа.

Јоксимовиќ исто така посочи дека во Србија во моментов недостасуваат јасни политички субјекти кои целосно ја застапуваат европската интеграција.
„Власта е незадоволна од нивото на поддршка од ЕУ, опозицијата е разочарана од поддршката што ЕУ и ја дава на власта, а студентите – од недостатокот на интерес за нивните активности,“ истакна таа.

„Брисел гледа на исполнувањето на критериумите за членство како на единствениот пат за демократизација и стабилизација на земјата – со посебен акцент на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика. Токму на тоа ќе се инсистира и во блиска иднина,“ заклучи Јоксимовиќ.

Слични Објави