Бизнисите во Германија и Австрија се против ветото за Шенген за Бугарија и Романија
Фото: DW.com
Материјалот „Wirtschaftsvohe“ за пристапувањето на Бугарија и Романија во Шенген зоната започнува со опис на редица од 10 километри на границата меѓу Романија и Унгарија. Камионите на баварската шпедиција „Дитрих лоџистик“ влегуваат и излегуваат од Романија 30 пати на ден, пишува авторката Карин Финкенцелер. Тоа значи 60 пати чекање, 60 пати 150 до 200 евра дополнителни трошоци, од 9 000 до 12 000 евра дневно, пресметал огорчениот шеф на компанијата Ханс Улрих Дитрих. Да не зборуваме за бесмислените емисии на јаглерод диоксид, додава тој.
Сето ова можеше да биде поинаку ако на 8 декември Австрија не го блокираше приемот на Романија и Бугарија во Шенген зоната. Според изданието, и покрај резервираноста на Холандија, таа најверојатно би ја почитувала волјата на другите земји.
Бизнисот протестира
Претставници на австрискиот бизнис, како што се Strabag, Spar, Erste Bank, Raiffeisen и други, изразија жалење за конфликтот, а во некои случаи искажале и неразбирање за однесувањето на нивната влада. Гневот стигна и до германските претприемачи. „Црн ден за Европа, кога е потребна силна обединета Европа“, коментира претприемачот Дитрих. Неговата семејна фирма работи во Романија од 1979 година, таму има 500 вработени и досега има инвестирано 40 милиони евра.
Билатералната трговска размена меѓу Германија и Бугарија до неодамна изнесуваше околу 9,8 милијарди евра, а со Романија во 2021 година – дури 33 милијарди евра. Континентал е меѓу најважните германски инвеститори и работодавци во Романија. Минатото лето, компанијата која произведува дисплеи, воздушни перничиња и други компоненти за автомобили, ја заврши изградбата на истражувачки центар во Темишвар вреден околу 20 милиони евра. Погонот кој беше отворен во 2006 година е проширен по трет пат – инвестицијата е 40 милиони евра. Во таа насока, „Wirtschaftsvohe“ посочува дека приемот на Романија во Шенген зоната би ги олеснило задачите на „Континентал“.
Барањето на Австрија за построги мерки против илегалната емиграција како услов за приклучување кон Шенген се смета за неразбирливо и од претприемачите и од политичарите, дури и во владината коалиција во Виена, коментира германското издание.
Ветото не е поради Романија и Бугарија
Управниот директор на германскиот хемиски гигант BASF за Бугарија и Романија, Андреас Лиер, кој е и претседател на германската комора за надворешна трговија во Букурешт, коментира дека во интерес на сите земји-членки е Романија и Бугарија да се приклучат на Шенген зоната: „Сите ќе имаат корист – луѓето, индустријата, Европа и европската идеја, ќе се генерира и дополнителен раст, што е важно во моментов“.
Дали тоа ќе се случи во 2023 година, прашува Wirtschaftsvohe. Австриската министерка за Европа, Каролин Едштадлер, признава дека гласањето „против“ не е толку поради Бугарија и Романија: „Ветото не е насочено против одделни земји-членки, туку против еден скршен систем“, изјави таа за австриската новинска агенција АПА на крајот на минатата година. Таа признава дека до средината на 2023 година ЕУ може да стави на маса „некои конкретни предлози и решенија“, пишува „Дојче веле“.