БКИЦ: Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе гостува со „Богот на масакрот“ во рамките на јубилејното 20-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“
Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе претставата „Богот на масакрот“ на 16 октомври во 20 часот во Албанскиот театар во Скопје, во рамките на јубилејното 20. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“, соопшти Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.
Фестивалот ќе се одржи од 10 до 17 октомври и ќе обедини театарски ансамбли, актери и други творци.
Режисер на претставата е Антон Угринов, а улогите ги толкуваат Александра Василева, Радена В’лканова, Владимир Карамазов и Јулијан Вергов.
Сценографијата и костимите се на Никола Тороманов, а композитор е Калин Николов.
Билетите се достапни на билетарницата на Албанскиот театар во Скопје.

