| |

Благоевград ќе ja одбележи 113-та годишнина од ослободувањето на Горна Џумаја и Пиринска Македонија со дводневни манифестации

На 5 октомври, Благоевград ќе го прослави својот голем празник – 113 години од ослободувањето на Горнa Џумаја и Пиринска Македонија. По овој значаен историски повод, градот подготви богата програма со дводневни културни и комеморативни настани, јавува Општина Благоевград преку својата страница во социјалната мрежа Facebook.

Прославата започнува на 4 октомври (сабота) во 17:30 часот, со реконструкцијата „Некогашната улица во Горнa Џумаја“ во квартот „Вароша“. Настанот ќе ги врати посетителите назад во времето кога Горна Џумаја бил трговски центар со оживени чаршии и умешни занаетчии. Во дворовите на старите куќи ќе се одржат музички настапи, а творци ќе претстават рачно изработени производи.

Празничниот ден – 5 октомври, ќе започне во 09:30 часот со панихида во дворот на храмот „Воведение Богородично“, во чест на загинатите херои за ослободувањето. Во 10:30 часот ќе бидат положени венци и цвеќе на споменикот на Гоце Делчев на плоштад „Македонија“, а во 11:30 часот пред споменикот на Македонско-одринското востание „Мајка Бугарија“ на плоштад „Мите Марков“.

Во 12:00 часот, во паркот „Бачиново“, жителите и гостите ќе имаат можност да ја проследат реконструкцијата „Хероите на Горна Џумаја“, посветена на битката од 28 јуни 1913 година за време на Меѓусојузничката војна.

Во 16:30 часот во салата „22 Септември“ ќе се одржи свечена седница на Советот на Општина Благоевград, на која ќе бидат наградени талентирани деца и заслужни граѓани.

Прославата ќе заврши со голем концерт на плоштад „Георги Измирлиев“ во 18:30 часот. Настанот е посветен на двојниот јубилеј – 50 години од основањето на Регионалниот телевизиски центар Благоевград и 113 години од ослободувањето на Горна Џумаја.

Слични Објави