Блинкен кон Денков и Габриел: Бугарија е исклучителен партнер за САД
Бугарија е исклучителен партнер за САД, за Европа. Го гледаме ова како се манифестира секој ден на различни начини. Ова го изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен со кого денеска во Минхен се сретнаа бугарскиот премиер Николај Денков и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугариjа Марија Габриел. На средбата присуствуваа и министрите за финансии и за одбрана Асен Василев и Тодор Тагарев, соопшти владината прес-служба, пренесува БГНЕС.
Во разговорот, кој траеше подолго од очекуваното, акцент беше ставен на соработката меѓу Бугарија и САД на полето на одбраната и нуклеарната енергија. Процесот на модернизација на бугарските вооружени сили беше забележан во поглед на набавената нова опрема – машините „Страјкер“ и ловците Ф16 блок 70. Продолжуваме да ја продлабочуваме интеграцијата меѓу Бугарија, Европската унија и НАТО, истакна Ентони Блинкен. Американскиот државен секретар посебно и се заблагодари на Бугарија за помошта за Украина, со што покажа лидерство што е важно за безбедноста и стабилноста во целиот црноморски регион.
Бугарија е клучна земја во напорите за заштита на регионот на Црното Море, источното крило на НАТО, рече од своја страна премиерот академик Николај Денков. Премиерот на почетокот на разговорот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен посочи дека актуелните проблеми можат да се искористат како можности за развој на регионот и за позиционирање на Бугарија и НАТО на начин што ќе обезбеди стабилност. Ние сме многу посветени и затоа сме тука со Марија Габриел – заедно да работиме таму каде што припаѓа Бугарија – во структурите на Европа и НАТО, како доверлив партнер, рече академик Денков. Премиерот особено им се заблагодари на САД за поддршката кога Русија ја прекина испораката на гас за Бугарија. Бевте тука да ни помогнете и можеме да сметаме еден на друг и во иднина, додаде академик Денков.
Во фокусот на разговорот беше и борбата против дезинформациите, а се разговараше за можностите за натамошна координација на напорите во оваа насока. Премиерот академик Денков го истакна и развојот на коридорот Југ-Север, од грчките пристаништа, преку Бугарија до Романија, Украина, Молдавија. Тоа се задачи кои од една страна бараат сериозни инвестиции, од друга страна се многу важни и за економскиот и за одбранбениот развој на регионот, категоричен беше премиерот. На средбата се разговараше и за борбата против трговијата со луѓе и стоките со двојна употреба.

