|

Таравари разговарал со Курти и Рама пред кандидатурата за претседател, но тврди дека ниту инсистирале ниту го поддржале

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, изјави дека разговарал со премиерот на Албанија, Еди Рама, и со премиерот на Косово, Аљбин Курти, пред да ја објави кандидатурата за претседател.

Сепак, од нивна страна, како што вели Таравари во интервјуто за „Евроњуз“, немало никакво инсистирање.

„Немаше инсистирање, немаше ни поддршка, ниту од Курти ниту од Рама, само разговор“, вели Таравари во интервјуто.

Неколку анкети, како што додава, покажале дека Албанците првпат имаат можност да влезат во вториот круг на претседателските избори, па затоа била донесена таква одлука.

Вреди да се натпреваруваме и да испишеме историја во Република Северна Македонија, рече Таравари.

Тој вчера ја објави кандидатурата со поддршка на партиите од политичкиот блок на албанските партии. Рече дека е дојдено време државата да има претседател Албанец, не технички, туку вистински и се спореди со Обама. Како што најави, водилка ќе му биде Хипократовата заклетва, на која се има обврзано како лекар, и во извршувањето на должноста нема да влијаат религијата, националноста, политиката или класните припадности.

Таравари се најде во судир со поранешниот партиски лидер и актуелен претседател на Централното собрание на Алијансата, Зијадин Села, кој спротивно на него смета дека партијата треба да оди сама изборите, што резултуира со два табора. Таравари за вечерва најави партиски конгрес, а Села закажа конгрес в недела.



Слични Објави