БОЧВАРСКИ: ЗА СОЦИЈАЛНАТА ЗГРАДА ВО СТРУМИЦА НАСКОРО ЌЕ СЕ ОБЈАВИ НОВ ОГЛАС

Во моментот во Министерството за транспорт и врски работат тимови на нова постапка со цел оваа социјална зграда, која е изградена овде и за која се вложени средства, да биде распишан повик, оглас и да бидат распределени становите, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при денешната посета на Струмица, одговарајќи на новинарско прашање зошто и по повеќе од една година не се распределени становите.

Според него се работи на оваа постапка и наскоро ќе ја информирале јавноста кога ќе биде затворено ова прашање.

– Можам да кажам дека овој сектор навистина дава сериозно добро резултати, бидејќи во текот на оваа година капиталните инвестиции во дел на изградбата на социјални згради и станбена инфраструктура ги има реализирано сите средства за изградба на такви типови на згради со цел да овозможиме на граѓаните кои немаат можност да добијат покрив над главата, секако ова прашање не тангира сите и мораме брзо да го решиме, зашто таа зграда мора што поскоро да биде ставена во функција, додаде министерот Бочварски.

Инаку, изградбата на социјалната зграда во Струмица заврши во јануари лани и досега двата огласи, кои беа објавени за 37 станови, беа поништени.



Зградата во Струмица има вкупна површина од 1.800 метри квадратни со 41 станови и ги исполнува сите енергетски стандарди. Четири од становите веќе се поделени преку министерството за труд и социјална политика на најранливи категории граѓани.

Зградата ја изгради Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката-Скопје.