БОГОМИЛ ЃУЗЕЛ-НЕДОЧЕКАНА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

///

Пишува: Атанас Величков

„ … можеби патот кон Бога треба да се врви пеш.“

Димитар Ѓузелов (1902-1945)

Пред два дена почина академик Богомил Ѓузел, поет, есеист, драматург и признат за најврвен преведувач на дела од англиското говорно подрачје.

Ѓузел не дочека рехабилитација за својот татко, првиот доктор по филозофија роден во Македонија, Димитар Ѓузелов, стрелан во летото на 1945 г. заедно со Димитар Чкатров, осуден како соработник на „бугарскиот фашистички окупатор“. Бил директор на радио Скопје, а оставил позади себе и две пишани дела: „Првите зраци на слободата“ и „Жртвите на Скопскиот студентски процес“. Самиот Ѓузелов бил еден од тие осудени од српската власт студенти и како една од водечките фигури на ММТРО добива 20 годишна затворска казна, од која издржува 5 години и е натеран да потпише дека по ослободувањето нема да се врати во Македонија. Токму поради таа причина и неговиот син Богомил Ѓузел е роден во Чачак, каде што стариот Ѓузелов бил учител по филозофија.

Гледајќи од камбанаријата на „ослободителите“ од 1944 г. Димитар Ѓузелов бил како „нацртан“ за стрелање. Немал во своето CV, совладан занает во Крагуевац, а и не можел да се пофали со тоа дека бил ситен бандит, кој преку шумкарството се надевал да ја добие својата факторизација како борец за некакви од никого не видени правдини. Бил македонски Бугарин, кој од најмлади години се посветил на револуцијата и на науката. Тоа е неговиот грев. Гревот што ќе го носи како комплекс и наследена вина и неговиот син Богомил, што си замина пред два дена.

Комплексот на наследната вина, проклетството на потеклото или потеклото како проклетство самото по себе, но и потрагата по своите корени, по Домот (со големо д) – остануваат суштински показатели за поетскиот светоглед на Ѓузел, пишува за поезијата на Богомил Ѓузел, универзитетската професорка Елизабета Шелева.

Без да навлегувам во непознатите за мене води на литературната критика и анализа, по принцип, а се разбира и конкретно за поетската оставштина на академикот, ќе напишам само дека потомците на тие што ја донесоа и ја извршија пресудата врз таткото, не само што му ја наметнаа таа вина, туку и не се потрудија да му ја тргнат од плештите.

Не најдоа сила да ја признаат својата вина. Да признаат дека нивните идеолошки предци скриени под превезот на „борбата против фашистичките помагачи“ по кратка постапка суделе, убивале и стигматизирале луѓе и цели семејства, само за да ги задоволат своите ниски страсти и желби за одмазда.

Во случајот со Ѓузелови, татко и син, таткото, како што пишува Владимир Перев во 1999 г., бил свесен за тоа што го очекува уште во 1927 г., кога ја добил долгогодишната казна затвор заради своите револуционерни активности. Тој кажано на народски јазик, уште од тогаш шетал со јамката на врат, дури во денот пред да биде стрелан тој продолжувал да вежба гимнастика во дворот на затворот. Не се однесувал како жртва, туку како горд припадник на едно јуначко племе, кој знаел дека веројатноста да умре од старост во својот сон е многу малку веројатна да не речам ништожна. Со синот работите не стоеле така. Тој бил жртва на своето потекло, на проклетството на наследената вина, на траумата на свои 5-6 години да види како наоружани чичковци доаѓаат во неговиот дом, го земаат татко му и ја удираат мајка му, без да има претстава зошто сето тоа се случува.

Многу матно го помнам интервјуто на бугарскиот новинар Кеворк Кеворкјан со последниот водач на ВМРО Иван Михајлов во 1990 г. Сум бил на 4-5 години, но и сега како во магла се сеќавам, како мојот татко, тогаш доцен македонист, гледаше со интерес во екранот на телевизорот, каде еден дедо зборуваше нешто. Ќе го помнам тоа цел живот.

Споредете го мојот невин детски спомен, со траумата што ја доживеал академикот. Нема место за споредба нели?



Јас внукот на „михајловист“ и син на македонист и тој синот на еден од најистакнатите револуционери и умови во периодот меѓу двете светски војни, како што удобно и фино се нарекуваат темните времиња на српската окупација на Вардарска Македонија.

И на што сум спаднал – со вечното заднинско зуење и бруење на судбинската таткова вина како единствена татковина…И до каде може да оди наследената судбина, (до третото поколение, како што се вели во Библијата?), ако не и проклетство…“, пишува во своето дело „Животопис“ Богомил Ѓузел.

Татковата вина, како негова единствена Татко-Вина… Колку само генијално и трагично во исто време звучи тоа, и што е најстрашно не е измислено или чуено па пренесено како пишан збор, туку преживеано, осетено и на кожа и останато внатре во суштината на авторот.

Не најдоа сили или пак немаа очи, тие кои секоја година ни трубат за големината на АСНОМ и сите реки крв што надојдоа после истото да ги рехабилитираат жртвите на комунистичката лудост. По смртта на Ѓузел напишаа колку голем бил, ама заборавија да спомнат чиј син бил и да одговорат на неговото прашање до каде може да оди наследената судбина…

Во лето Господово 2011 – Димитар Христов Ѓузелов не е спомнат ни меѓу жртвите на комунизмот во новоотворениот Музеј ни меѓу борците за ослободување, како што лично се уверивме јас и сестра ми при една групна посета. При крајот од борците за ослободување, додуша, ја има восочната фигура на атентаторката Мара Бунева, која го убила шефот на српската полиција во Скопје Прелиќ, како одмазда за некои осудени студенти, но ги нема осудените студенти од Скопскиот процес есента 1927, членови на тајната ММТРО. Нема помен ни од смртната пресуда за Ѓузелов од Воениот суд во 1945, под претседателство на полковникот Ѕвездин и судијата Панта Марина, кои секако се споменати меѓу ,,ослободителите од фашизмот”. Водителот и рекол на сестра ми, татко ни да си го побараме меѓу имињата што закачени висат од плафонот во последната сала, а не можат ни да се прочитаат – значи, неименувани и безимени. Конечно, значи, барем во догледно време додека сме живи, не верувам дека ќе има некаква рехабилитација на татко ми, кога нема ни помен, ете, во ВМРО-вскиот Музеј. Но сепак, тој е влезен во четвртиот том од официјалната Историја на македонскиот народ (издадена од претходниот социјалистички режим), како водач на ММТРО, а не само во бугарската историја како борец за правата на Бугарите од Македонија против српскиот режим…“, читаме во „Животопис“ на Ѓузел.

Ѓузел пророчки истакнува дека нема да дочека рехабилитација за татко си. Трагично нели? А претензиите ни се големи. Денешните главни ликови во Македонија бараат да се имало разбирање, за идентитетот, за јазикот, за основното човеково право да се наречеш таков каков што самиот сакаш. Сме живееле во XXI век, а некои соседи фурале пропаганди од XIX-тиот. Бараат нашиве „јунаци“, ама немаа храброст да му кажат на Ѓузел и на сите други синови и ќерки на татковци и мајки убиени од комунистите, барем едно „извинете“. Да дадат рехабилитација…? Не верувам! Рехабилитацијата ќе ги разоткрие лагите, а тие живот значат. Живот на една идеологија наметната со насочени кон вистината оружја. Во буквална смисла.

Ѓузел си замина без да дочека рехабилитација за татко си. Го испративте со убави зборови, тешко разбирливи за обичните луѓе за кои се бореше татко му. Срамете се! Срамете се! Срамете се!

Ми треба црна ноќ и длабока земја

За песната два збора

За љубовта ни еден“

Богомил Ѓузел (1939-2021)

Претходна статија

„КЕМЕТ ЕЛЕКТРОНИКС“ ИНВЕСТИРА УШТЕ 10 МИЛИОНИ ЕВРА И ГО УДВОЈУВА БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ

Следна статија

(ВИДЕО) ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА КУЌАТА МУЗЕЈ НА ГЕОРГИ ИЗМИРЛИЕВ-МАКЕДОНЧЕТО- ЕДЕН ОД ВОДАЧИТЕ НА АПРИЛСКОТО ВОСТАНИЕ ОД 1876 Г.

Најново од Истакнато

Методиј Иванов: Тезата на софиските македонисти дека историската вистина за бугарскиот карактер на Македонија е производ на живковизмот е најнеодржлива

„Во бугарскиот медиумски простор спорадично се објавуваат ставови на група либерално настроени луѓе кои демонстрираат блиски