БОЈАН ЈОВАНОВСКИ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА НАЈМАЛКИ 30 ЛИЦА ПОВРЗАНИ СО „РЕКЕТ“ И „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“
Бојан Јовановски – Боки 13, поднесе во Основното јавно обвинителство Скопје кривични пријави на записник поврзани со предметите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“.
Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски посочи дека се поднесуваат кривични пријави за најмалку 30 лица.
„Се поднесуваат кривични пријави против повеќе лица, најмалку 30 лица и поради сериозноста на наводите во кривичните пријави од страна на пријавителот беше побарано непосредно вклучување на најрелевантните меѓународни институции за заштита на човековите права, особено на најрелевантните свестски амбасади кои имаат кои имаат свои дипломатско-конзуларни претставништва во Република Македонија заради содржината на тоа што се изјавува“, посочи Дуковски.
Тој наведе дека досега се поднесени седум-осум кривични пријави, истакнувајќи дека пријавуваат лица за конкретни дејствија коишто се поврзани со овие два кривични настани.
Делата, како што рече Дуковски, се поткрепени со писмени докази во голем обем и со вербални докази во кои се посочени на лица коишто биле непосредно присутни на тие дејствија.
Во однос на наводите дека му биле упатувани закани на Јовановски, минатиот пат кога даваше искази, Дуковски кажа дека поднел кривична пријава против непознат сторител за загрозување на сигурноста.
„Подготвен сум да соработувам со Обвинителството во секој момент за секоја понатамошна постапка којашто ќе го интересира Обвинителството во врска со тоа јавување“, рече Дуковски.