|

Болните од цистична фиброза ќе чекаат законски измени за да го добијат лекот

Болните од цистична фиброза на кои им е потребен лекот „Трикафта“, ќе чекаат измена на закони за да тој биде набавен директно од производителот поради тоа што е скап. Во меѓувреме, ќе се стапи во контакт со фирмата која го произведува. Ова е констатацијата од средбата помеѓу министерот за здравство Беким Сали и министерот за финансии Фатимир Бесими.

„Ние како задолжени за координација на ова прашање, имаме констатација која јасно треба да ја пренесеме. Тоа е дека ќе наоѓаме решение за лекот да се набави за тие што имаат потреба. Ќе се наоѓаат начини да се обезбеди на најсоодветен начин, тоа е директно од производителот бидејќи е скап лек. Во однос на средствата за обезбедување на ова, ние разгледувавме можности, што формално се процесира ова, ќе има потреба од одредени законски измени за да се обезбеди лекот директно од производител. Тоа ќе биде пред Владата и Собранието, со препорака измените брзо да поминат за да се набави лекот. Тие се констатациите. Колку и како ќе се набави, ќе кажат лекарите“, кажа Бесими.

Македонија е единствена земја во регионот која не ја обезбедува терапијата која ја бараат пациентите со цистична фиброза. Лекот трикафта се дава во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора.

Болните од цистична фиброза, одржаа и протест со барање да се набави лекот.



Слични Објави