Борисов по извештајот за РСМ: ЕП покажа дека нема да дозволи заобиколување на европските договорености
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, го поздрави усвоениот од Европскиот парламент извештај за напредокот на Република Северна Македонија за 2025 година, изјавувајќи дека европратениците испратиле јасна порака во поддршка на почитувањето на преземените обврски на европскиот пат на Скопје. Според него, одлуката на ЕП потврдува дека нема да бидат дозволени обиди за заобиколување на договореното меѓу Бугарија и Северна Македонија, јавува БГНЕС.
„Со својот глас, европратениците од сите групи јасно ставија до знаење дека нема да се дозволи злоупотреба на европските правила и договорености“, изјави Борисов.
Во објава на својот личен профил на Фејсбук, Бојко Борисов потсетува дека по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година, токму ГЕРБ имала клучна улога во обновувањето на европската перспектива на Северна Македонија во 2022 година, кога бил договорен т.н. Европски консензус.
„Благодарение на мнозинството што нашата пратеничка група им го обезбеди на тогашните владејачки структури, Народното собрание ја усвои декларацијата со која јасно ги исцрта параметрите што подоцна станаа основа и за самиот договорен компромис меѓу Брисел и Скопје“, посочи тој.
Според неговите зборови, нападите врз Вториот протокол кон Договорот за пријателство и добрососедство биле „несоодветни и контрапродуктивни“.
„Драго ми е што мнозинството од членовите на Европскиот парламент категорично изјавија дека договорите мора да се почитуваат, а обидите тие да бидат заобиколени со процедурални трикови ќе бидат спречувани“, рече уште лидерот на ГЕРБ.
Борисов нагласи дека бугарската позиција останува непроменета.
„Бугарите мора да бидат впишани во Уставот на нашата западна соседка, за таа да може суштински да го започне својот преговарачки процес“, изјави тој.
Според него, за да продолжи преговарачкиот процес на Северна Македонија со Европската Унија, неопходно е строго исполнување како на Договорот за пријателство и добрососедство, така и на сите протоколи кон него, согласно предвиденото во европската преговарачка рамка.
„Сè друго ќе наиде на неразбирање и широк институционален и општествен отпор, како во Бугарија, така и во Европа“, додаде Борисов.

