Браќа Бугари од Пиринско и од цела Бугарија, не правете ги Мицкоски и Апасиев херои!

//

Пишува: Атанас Величков

На 30 октомври според најавите што се појавија во македонските и бугарските медиуми, во Благоевград (Горна Џумаја), официјално ќе биде отворен т.нар. Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“. Позади т.нар. клуб стојат членови/симпатизери на нелигитимните во Бугарија, партија и организација ОМО Илинден-ПИРИН и ОМО Илинден, а самиот клуб се финансира од Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) со седиште во Торонто, Канада.

За тоа каква организација е ММДЧП и со какви ставови излегува во јавност нејзиниот лидер во Торонто, познатиот „ сателитски патриот“ Бил Николов, солидна анализа објави порталот 360 степени.

Како што веќе е познато, на собиранката платена од горенаведениот Бил Николов и организирана од членовите и симпатизерите на ОМО Илинден и ОМО Илинден-ПИРИН, нема да присуствуваат ниту премиерот Димитар Ковачевски, ниту претседателот Стево Пендаровски. Првиот кажа дека на 30 октомври ќе биде во Скопје, а вториот го оправда своето неприсуство со фактот што не е поканет официјално.

Ковачевски и Пендаровски не се глупави луѓе. Тие многу добро знаат, каков е „капацитетот“ на „обесправените“ омовци. Го знаат нивниот образовен цензус, знаат дека тие се само извршители на лудите идеи на ликови како Стојко Стојков, Славко Манговски, Бил Николов, Ицо Најдовски-Перин и уште неколку „активисти за човекови права“, познати по тоа што се големи патриоти и се разбира големи антибугари. Ковачевски и Пендаровски многу добро знаат дека, нивното појавување на ваков „настан“ нема да им донесе ништо во политичка и во било каква друга смисла. Играта овде е друга!

Мицкоски, неговата тајфа и целуфанените левичари од друштвото на Апасиев треба да станат херои! Тоа е нивната награда за тоа што се кооперативна опозиција. На нив им е доделена плакетата да се занимаваат со луѓето што бугарските комунисти еднаш ги тепаа за да се запишат како етнички Македонци, а потоа ги тепаа за да се отпишат. Тие луѓе се трагичната последица на предавничката политика на Бугарската комунистичка партија во периодот од 30-тите години, па се до почетокот на 60-те години на минатиот век. Тие сами одлучиле денеск да се претставуваат како маченици. Да не дозволиме, тие навистина да бидат маченици и објавени како такви, па затоа, на 30 октомври, пред т.нар. клуб да се потрудиме да не се случи било каков инцидент.

Денеска во интервју за Бугарското национално радио, поранешниот заменик министер за надворешни работи на Бугарија Милен Керемедчиев, изјави дека Бугарите не треба да паѓаат во стапицата на одредени кругови во РС Македонија, подготвена со отворањето на клубот „Никола Вапцаров“.

Ако на 30 октомври во Благоевград се случи и најминорен инцидент, победници ќе бидат не патриотите со бугарските знамиња и симболи, што ќе ги пречекаат гостите од РС Македонија, а токму антибугарите Мицкоски, Мизрахи, Ковачки, Апасиев и сите провокатори што ќе се појават за да демонстрираат некакво си македонско единство.



Затоа! Луѓето од пиринска страна, што ќе се појават таму, за да го искажат својот револт, нека го направат тоа достоинствено. Мирно и тивко! Нека ги остават портретите на Јонко Вапцаров, Никола Вапцаров, Елена Вапцарова, Борис Сарафов, Петар Сарафов, генералите од бугарската армија Иван Стојков, Константин Жостов и Димитар Жостов, да проговорат за тоа, какви луѓе се раѓале во Пиринска Македонија, за која држава се бореле, работеле и умирале. Нека го истакнат и портретот на Герасим Тодоров, за да се знае, дека борбата против болшевизмот и македонизмот, од секогаш постоела во Пиринска Македонија. Одговорот е тука, еден и единствен. Токму затоа, Ковачевски и Пендаровски нема да бидат дел од ова активно меропријатие, кое има за цел, не само да ги крене во облаци нагоре наведените антибугари и политичари од РСМ, туку и да го измести фокусот од нештата, што во моментот се многу поважни.

До каде е процесот со внесувањето на македонските Бугари во Уставот на РС Македонија? До каде е историската комисија? Пред неколку месеци официјално се објави нешто за царот Самоил , договорено уште во 2019 г. и толку. До кога учениците во РС Македонија, ќе учат за Бугарите од тенденциозно напишани учебници по историја? До каде е процесот со обелоденувањето на архивата на поранешните безбедносни структури? До каде е процесот на рехабилитација на сите македонски Бугари, кои настрадале, само заради тоа, што не го прифатиле југословенскиот македонизам?

Тоа се многу важни прашања! Нивните одговори се исто така многу важни! Тие прашања треба да се најдат до портретите на чедата на Пиринска Македонија наведени погоре во написот! Во случајот нема потреба од ништо друго, уште помалку од насилство или од навредливи пароли и извици. Луѓето што живеат во Благоевград се господа луѓе, тие се горди и воспитани Бугари, од сите делови на Македонија, токму тоа треба и да го покажат. Без партиски знамиња и симболи, без навредливи извици и истакнати пароли, без викање и што е најважно без насилство. Тие активности, нека им ги оставиме на партиските војници на Мицкоски и Апасиев. Нивното ниво е такво, какво што е. Пиринците се луѓе од друг квасец и сега треба да го докажат тоа на дело.

Потомците на Никола Вапцаров, познатата режисерка Маја Вапцарова и долгогодишниот бугарски дипломат Колјо Вапцаров, кажаа јасно и гласно, какви се тие и каков бил нивниот предок, нивниот бугарски генетски код. Но во случајов, не се работи само за Вапцаров, се работи за честа на Вапцарови, на Сарафови, на Жостови и на сите фамилии од Пиринско, што дале жртва за честа и славата на Бугарија. Затоа, не им ставајте ваков срам, не срамете ја Бугарија, не им давајте адути во рацете на нејзините непријатели. Браќа Бугари од Пиринско и од цела Бугарија, не правете инциденти, не извикувајте погрдни пароли, не правете ги Мицкоски и Апасиев херои. Бугарија нема потреба од тоа! Мирно и достоинствено покажете им, какви сте, која е вашата Татковина и како вие ги почитувате нејзините заслужни чеда.

* На насловната фотографиja можат да се видат: Јонко Вапцаров, таткото на поетот Никола Вапцаров, Иван Михајлов, водач на ВМРО и организаторот на извршувањето на смртната казна на Јане Сандански- Стојан Филипов, пунктов началник на ВМРО за реонот на Неврокоп. Сите близки до цар Борис III.



Претходна статија

Документите говорат: Цар Борис III пред речиси 30 години посмртно бил одликуван, од неколку американски еврејски организации, заради спасувањето на бугарските евреи за време на Холокаустот

Следна статија

МНР на Бугарија: Луѓето во Благоевград да реагираат смирено и да не потпаѓаат на провокации за време на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“

Најново од Истакнато

Последниот атентатор (8)

Спомени на Крсто Петрушев (1913-2007) од Богданци, припадник на ВМРО, запишани од Владимир Перев. На почетокот