| |

„Бројлер“ политичари: зошто би ми било гајле?

Професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Се’ живо и диво се здаде во политиката. И шуто и рогато. Локалните избори потврдија дека да се биде политичар е најлесната и најпосакувана професија во Македонија. Очигледно, за политичар во Македонија не се бара некоја посебна интелигенција, харизма, идеологија, принципи, па, гледам, дури ни образование – само досетливост и упорност. Повеќе не ја наградуваме компетентноста во политиката. Кандидатите не треба да ги докажуваат своите способности, тие само треба да изгледаат инспиративно. Веќе не избираме визионери политичари. Избираме изведувачи. Ги гледам луѓето како се кандидираат за моќ, наместо да се подготвуваат за неа. И најстрашниот дел? Оваа стратегија функционира исклучително добро. Ќесите во рака и од врата до врата станаа заштитен знак на нашите новорегрутирани „бројлер“ политичари“. Иако велат дека големината, разновидноста и повеќеслојната владина структура, бројот и сложеноста на проблемите со кои се соочуваат нашите политички лидери секојдневно, и поделената политика на нашето време што го прави одлучувањето за кохерентни политики особено предизвикувачко – сето заедно го прави политичарот во претставничка демократија едно од најсложените работни места. Можеби некаде на друго место, но не и кај нас. Кај нас стана најдоходовната професија ослободена од одговорност.

За новите „бројлер“ политичари од лукративен интерес политиката станува прво вработување, претворајќи ги нивните штотуку започнати кариери во сценски продукции. Секое појавување, секое интервју следи сценарио. Секој говор е претстава. Тие не зборуваат од убедување, туку од потреба. Не им требаат резултати. Резултатот ќе го обезбеди партијата. Им треба само аплауз. Затоа од овој бран нови млади „бројлер“ политичари и активисти не очекувам да ги предизвикаат постарите лидери, одразувајќи некакви сеизмички промени на политиката во Македонија. За жал новите лица на политиката ја презреле својата професионална должност и брзо се претвориле во марионети што ги извршуваат јавните улоги што им се доделени. Инстинктот за прилагодување процвета во сета своја „убавина“ во ерата на новата македонска висока политика на овие избори. Овој грд, долго всадуван инстинкт е еден од најголемите виновници за политичката мимикрија и атрофија на македонската политика денес. Манипулирајќи со него, политичките лидери (каква и да е нивната ориентација) ја зајакнуваат својата контрола врз партиската армија следбеници, зголемувајќи ја нивната зависност од партијата. Па затоа на цена е политичкото додворување, охрабрувајќи ја на тој начин безусловната потчинетост на партијата и лидерот. Не гледам дека новите „бројлер“ политичари имаат желба да го совладаат овој инстинкт и да излезат од зоната на политичкиот конформизам, кој им гарантира политичка сигурност и кариера во иднина.

Да не бидам погрешно разбран. Политиката е навистина тешка професија, потешка отколку што повеќето знаат. Таа е физички, емоционално и финансиски исцрпувачка. Повеќето политичари што сум ги познавал го прават тоа затоа што сакаат да направат позитивна разлика, даваат се’ од себе и тоа брзо станува целосно исцрпувачко. Треба да се издржи притисокот од другите политичари, медиуми и јавноста. Треба да можете да одговорите на широк спектар на теми, а сепак да бидете отворени за нови идеи, да бидете отворени и искрени, како и цврсти и отпорни. Тука не е вкалкулиран притисокот што го вршат самите на себе. Она што стана видливо на локалните избори е плејадата млади кои самоуверено се декларираат за политичари како се додворува на гневот и фрустрацијата на електоратот. Не верувам дека некој од нив е способен да да се соочи со просторија полна со различни мислења и да се создаде консензус зад решението.  Без тоа, решавањето на политичките проблеми станува исклучително тешко. А, всушност, ваквите „бројлер“ политичари во најава, не се во политиката да решаваат проблеми и да го подобрат животот на своите граѓани, а и зашто би им било гајле за тоа кога мнозинството од нив се во политиката да профитираат. Имаа од кого да учат, особено во блиското минато.

На овие избори видовме и дека иднината на политиката во Македонија се’ повеќе станува „пресметана“, краткорочна и индивидуализирана. За идеологија веќе никој не зборува. Очигледно имаме стеснување на политичката имагинација, што и не е некоја закана за демократијата во Македонија. Од премногу политичка имагинација на претходната власт добивме бесперспективна држава денес. Генерално, локалните избори го проширија патот за политика опседната со подготвеност, предвидливост, јасност и сигурност. Не видов дека гласањето сигнализира желба во општеството за непредвидливото. Изгледа на електоратот му е доста од прифаќање на неизвесноста во креирањето политики за пресметување и контрола на иднината. Луѓето покажаа дека се желни да излезат од сегашната траекторија на непредвидивото. Зашто се’ уште се живи сеќавањата каде тоа не однесе. Затоа и резултатите од изборите се пресметани и очекувани, а иднината конечно предвидлива. Особено за армијата нови „бројлер“ политичари.



Слични Објави