БУЏЕТАРИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ СОЛИДАРНИ, А Ф’СТАЦИТЕ ИЗЕДЕНИ

Додека го пишувам овој текст некој што се „изучил“ преку нет како се лечи Ковид-19 се предозира со „Сумамед“ од залихите што визионерски си ги купил после првиот линк на Facebook, каде што прочитал дека лекот помага против оваа чума што не снајде голи и боси.

Предлогот на Заев за кратење на платите во јавниот сектор претставен помпезно како да е веќе донесена одлука на Владата, предизвика бура од реакции. Најпогодените секако се тие, кои се и најжолчни во својот гнев, којшто меѓу другото е оправдан.

Јавна тајна е дека јавниот сектор е посакуван и можам смело да речам намерно „пумпан“ таргет за тенки политички сметки. Сите знаеме за што гласаат граѓаните на Македонија во својот најголем процент- за вработување на државно, не кажувам ништо ново, новото во случајот е што по предлогот на лидерот на СДСМ и поранешен премиер „резервоарот“ на тројната без малку 20 годишна коалиција  (СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ) се најде на магарешката клупа.

„Ајде да видат како се живее со минималец, ние со години живееме така“, „Каде ви е солидарноста, цицате од државната цицка и живеете како бубрези во лој“ и слично се само дел од коментарите на оние кои не успеале да се вработат на државно и сега со некаква животинска страст се радуваат на фактот дека некој се осмелил да им покаже на буџетарите дека курот крај нема, ама и тие можат да го лапнат небањат.

Јас не би се осудил да ги генерализирам луѓето вработени под буџет. Некои од нив навистина вредно си ја работат работата, други едвај успеваат да отепаат време од една до друга кафе пауза, а пак трети не ни се појавуваат на работа, ама на крајот од месецот платата им се „смешка“ на сметка. Секој со својата судбина.

Проблемот се крие на сосема друго место, а имено во желбата на истите тие кои сега се на мета и на оние кои ги „нишанат“ да се побунат за реалноста што ги заобиколува.

Македонија не е сиромашна земја. Ниту една сиромашна земја не може да си дозволи толкав број на министри без ресор втерани во Влада за мир во коалиционата куќа. Ниту една сиромашна земја не може да си дозволи пратеници, кои наместо машки да се истепаат еден меѓу друг, лежат распослани по тоа пратеничките клупи и слатко спијат бидејќи претходно си сработиле и му се допаднале на лидерот па се нашле на листа. Ниту една сиромашна земја не може да си дозволи тендери за луксузни вина, пива, бадеми, ф’стаци, цвеќиња и лубриканти што тежат стотици илјади евра. Ниту една сиромашна земја не може да си дозволи да лупа милиони евра за стипендии, иновации и разноразни други куровмиленче проектчиња само затоа што се поврзани со децата, снаите, баџанаците или кумашинките на батките и дадињата што се на власт. Едноставно не може.

Во една таква несиромашна земја во која голем дел од обичниот народ е со расипани заби не од јадење тоблероне, туку од немање пари за заболекар, на мета се најде администрацијата, која ете, ако се прифати предлогот на Заев, нема да може да си ги покрие ратите за кредитите…

Не се криви „цицачите на буџетот“ драги мои стрелци од казнениот вод што барате солидарност од нив. Криви сме сите ние. Ние веќе 20 години ја гласаме троглавата ламја СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ и кога истата таа ламја ќе пушти во оптек некоја ваква солидарна идеја, се јадеме меѓу себе.

Во целата таа канонада од предлози како „солидарно“ да се избориме против Ковид-19 дочекавме дури лик како Хари Локвенец од Прилеп, да се жали дека ако му ја земаат пратеничката плата нема да има со што да си ги рани децата… Тој, бизнисменот нема да има, а што да рече Трајче од Свирипичино со расипаните заби? Тој нема право на жалби и поплаки, оти до него камерите и микрофоните на медиумите никогаш нема да стигнат. Него ќе го излажат, дека ќе му вработат дете на „државно“ и ќе ги гласа… тоа е единственото негово право. Жално нели?

Автор: Атанас Величков