Бугари и Ирци ја создадоа првата кукерска група во Даблин
Првата кукерска група во Ирска настапи на фестивалот „Ноќ на културата“ во Даблин, на настан чиј домаќин беше бугарската амбасада. Групата ја формираше бугарската визуелна уметница и дизајнерка д-р Ники Колиер, во соработка со бугарски и ирски волонтери, уметници и Бугарското неделно училиште „Азбука“, јавува БНР.
На настанот учествуваа околу 150 Бугари кои живеат во Даблин и околината. Пред публиката настапија осум кукери, меѓу кои наставници од училиштето „Азбука“ и волонтери од ирската заедница.
„За мене ова е историски настан, бидејќи за првпат имаме локална бугарска кукерска група. Ме радува тоа што е составена не само од Бугари, туку и од луѓе за кои овој обичај има значење и за кои е чест да бидат кукери“, изјави Колиер.
Два од костимите ги изработила бугарската мајсторка за костими Ани Владимирова, а останатите се дело на Колиер, која веќе 26 години живее во Даблин. Еден од нив, наречен „Слобода“, бил создаден специјално за настанот.
„Тоа е интерпретација на моето чувство дека луѓето се плашат од слободата“, објасни уметницата.
Двајца ирски волонтери настапиле како чауши, носејќи големи и тешки маски од филц. Поради недостиг од ѕвонци, учесниците собирале лименки од пијалаци и конзерви за да ја создадат вревата карактеристична за кукерските настапи.
Кукерите настапиле на отворено, а во амбасадата била одржана презентација за обичаите. Според Колиер, дел од ирските учесници редовно го посетуваат Меѓународниот фестивал на маскарадните игри „Сурва“ во Перник и препознаваат сличности меѓу бугарската традиција и древните келтски обичаи.
Во рамките на фестивалот, Колиер ја претставила и самостојната изложба на кукерски маски „Чудовиштата и јас“. Проектот е резултат на едногодишно истражување за поврзаноста на бугарските кукерски обичаи со традиционалните ирски и велшки маскирани фолклорни изведувачи, познати како „мамери“.
Групата веќе добила покани за настапи на настани по повод Свети Патрик и Божиќ.
„Мислам дека успеавме да направиме нешто добро и да привлечеме нови љубители на бугарската култура. Се надеваме дека ова е почеток на една долга и многу силна традиција“, рече Колиер.
