| |

Бугарија до Скопје: Нема место за посредници, престанете со антибугарскиот наратив

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова изјави дека Бугарија очекува од Република Северна Македонија подготвеност за воспоставување политички дискурс што не е насочен против Бугарија. Таа го оцени како невообичаено барањето на Скопје за вклучување посредник во преговорите, јавува БГНЕС.

„Во однос на тврдењата на македонските претставници за вклучување посредник, најблаго речено, невообичаено е да има посредник меѓу земја членка на ЕУ и земја кандидат за членство во врска со договорености што немаат билатерален карактер, туку се прифатени и одобрени на европско ниво. Ова е многу јасен став на Бугарија“, нагласи Петрова.

За време на парламентарната контрола, бугарската министерка одговараше на прашање на пратеникот Георг Георгиев од ГЕРБ-СДС, поврзано со одржувањето билатерален дијалог на високо ниво меѓу Бугарија и Северна Македонија во контекст на процесот на европска интеграција.

„Важно е да видиме подготвеност од Република Северна Македонија за политички дискурс што не е антибугарски, каков што досега бил доминантен“, изјави Петрова.

Таа нагласи дека Бугарија очекува промена во политичкиот пристап на македонските власти.

„Се надеваме дека тие ќе ја пронајдат политичката логика и пристап што ќе им овозможат своето членство да го засноваат врз поинаква теза од антибугарската“, изјави министерката.

Според неа, дијалогот меѓу двете земји ќе биде тежок сè додека не дојде до таква промена.

Петрова ги оцени како неосновани тврдењата дека Бугарија би можела да постави дополнителни барања или да го промени својот веќе утврден став кон Република Северна Македонија.

„Во дијалогот со Република Северна Македонија, Владата и Министерството за надворешни работи се водат од консензусот од 2022 година и последователните одлуки на бугарскиот парламент, кои јасно покажуваат каков е бугарскиот став“, изјави бугарската министерка за надворешни работи.

Слични Објави