Бугарија доби 489,3 милиони евра од програмата SAFE на Европската унија
Бугарија го доби првото плаќање од 489,3 милиони евра преку европскиот инструмент SAFE, додека на Латвија ѝ беа исплатени 524,7 милиони евра, јавува БНР.
Исплатите претставуваат 15 отсто од вкупно одобрените средства – 3,3 милијарди евра за Бугарија и 3,5 милијарди евра за Латвија. Средствата ќе бидат наменети за забрзување на инвестициите и модернизација на одбранбените капацитети.
SAFE располага со 150 милијарди евра за заеми за земјите членки на ЕУ, главно за заеднички набавки на муниција, ракети, системи за противвоздушна одбрана и копнени борбени системи произведени во Унијата.
„Дејствуваме брзо и решително за да ги поддржиме земјите членки на источното крило на ЕУ“, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус.
